ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ – Симбол на македонската борба
Централното чествување ќе се одржи во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје

Централното одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, како и секоја година, ќе се одржи во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје. Според најавите, цвеќе ќе положат премиерот Христијан Мицкоски, делегации од Собранието и од Град Скопје, како и претставници на други државни институции, политички партии и граѓански здруженија.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш. Образованието го стекнал во Солунската гимназија и на Воената академија во Софија. Работел како учител во Штип, а како член на Централниот комитет на Тајната македонско-одринска револуционерна организација активно учествувал во создавањето и зајакнувањето на револуционерната мрежа од комитети, бази и чети.
Тој бил учесник на Солунскиот конгрес на ВМРО во 1896 година, а до 1901 година дејствувал како задграничен претставник на Организацијата во Софија. На 4 мај 1903 година, Делчев загинал во судир со турската војска во селото Баница, на пат кон Сер. Неговите посмртни останки од 1946 година почиваат во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

