ДРЖАВАТА ГО ЛЕГАЛИЗИРА НЕФОРМАЛНОТО РАБОТЕЊЕ Нов закон за работно ангажирање
Законот ќе овозможи студенти, пензионери и сезонски работници да работат легално без губење на права и примања.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска го презентираше Законот за работно ангажирање лица, кој е клучен чекор во борбата против сивата економија. Според податоците, во земјава околу 85.000 работници се ангажирани неформално, а новиот закон овозможува нивна легализација без да ги изгубат веќе стекнатите права.
„Со законот испраќаме јасна порака дека државата системски ќе ја намалува сивата економија. Ова значи поголема сигурност за работниците и предвидлива деловна клима за компаниите“, истакна Дурмиши.
Во првата фаза, законот ќе се примени во секторите каде што неформалното работење е најзастапено – земјоделството, туризмот и угостителството. Се очекува да се формализираат до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 во туризмот и услугите.
Законот дозволува ангажирање на студенти, пензионери и социјално ранливи категории, при што тие ги задржуваат сите права и надоместоци од пензија, образование или социјална помош. Со ова, корисниците на социјална помош, пензионерите и студентите нема да ги изгубат своите примања и статус додека се работно ангажирани.

