ССМ НАЈАВУВА БЛОКАДИ ЗА ПОГОЛЕМИ ПЛАТИ – Блокади на пратеници, министри и работодавачи
Рокот за зголемување на минималната плата истече, ССМ преминува во втора фаза на протести

Игнорантскиот однос што го покажуваат пратениците кон работниците и токму оние кои ги бираат за да седат во удобни пратенички фотелји и да ги уживаат бенефициите го принуди Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) да премине кон втората фаза за зголемување на работничките плати, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Вчера истече рокот што го дадоа работниците за брзи измени на Законот за минимална плата, со цел таа да се зголеми на 600 евра, а сите други плати за најмалку 6.000 денари. Поради тоа, Претседателството на ССМ одлучи да преземе следни чекори.
На прес-конференција Трендафилов истакна дека на 10 февруари, кога е закажана седница во Собранието, ќе се блокираат пратениците:
„Игнорантскиот однос кој го покажуваат пратениците кон работниците предизвика да преминеме кон втората фаза за зголемување на платите. На 10-ти февруари ќе го блокираме Собранието и пратениците, кои нема да можат да наплатат патни трошоци, а ќе мора да поминат покрај работниците и да објаснат зошто го чуваат предлогот на ССМ во фиока“ – рече Трендафилов.
ССМ најави и блокада на работодавачите на 12 февруари, односно Стопанската комора, Сојузот на стопанските комори и Организацијата на работодавачи:
„Работниците ќе ги блокираат газдите, онака како што газдите ги блокираа работниците 36 години со ниски плати и закани. Дојде време кога работниците имаат избор, а газдите немаат“ – додаде Трендафилов.
За 17 февруари е најавена и блокада на Владата:
„Ќе ги блокираме пристапите за да не може ниту еден претставник на Владата почнувајќи од премиерот и министрите да дојде на седница со службени возила и возачи. Ќе мора пешки да помине пред работниците и да ги погледне во очи“ – истакна Трендафилов.
Исто така, ССМ утре во 11 часот ќе достави иницијатива во Собранието за измени и дополнувања на Законот за плати и надоместоци на пратениците и други избрани лица:
„Предлагаме нивната плата да се пресметува според просечната плата во државата, множена со коефициент за сложеност, а основицата да биде минималната плата. Така нивните плати би се намалиле за 40%, бидејќи тие си ги зголемија за 80% во последно време. Нека се намалат за да не придонесуваат за инфлација“ – иронично заклучи Трендафилов.

