НЕ СТАНУВА ЗБОР ЗА АФЕРА – Росоклија за извозот на мозоци во САД

Професорот тврди дека постоеле сите етички одобренија и писмени согласности од семејствата на донаторите

НЕ СТАНУВА ЗБОР ЗА АФЕРА – Росоклија за извозот на мозоци во САД
Фото: Принтскрин

Професорот Горазд Росоклија тврди дека извозот на постмортем мозочно ткиво од Македонија на Универзитетот Колумбија бил спроведуван исклучиво за научно-истражувачки цели и со претходна согласност од семејствата на донаторите.

Според Росоклија, станувало збор за меѓународен истражувачки проект, односно грант потпишан во 1996 година меѓу Универзитетот Колумбија и македонски медицински институции и експерти, меѓу кои Институтот за судска медицина, Институтот за патологија и Психијатриската клиника. Тој нагласува дека сите активности биле спроведени целосно легално и во согласност со етичките стандарди.

„Тој грант, како и сите други грантови со Македонија (мислам дека беа околу седум), ги има сите потребни согласности од етичките комитети на Медицинскиот факултет, а по 2006 година, кога станав академик, и од Етичкиот комитет на МАНУ, како и од Универзитетот Колумбија. За секое ткиво што било користено постои писмена согласност од семејството, и за интервју и за користење на ткивото“, наведува Росоклија во изјавата за Телма.

Во врска со писмото упатено до Џефри Епштајн, Росоклија појаснува дека станува збор за лична претпоставка и дека неговата интерпретација е поврзана со обид за презентација на научната работа и обезбедување финансиска поддршка за истражувањата.

„Претпоставувам дека тоа писмо било испратено до Епштајн со цел да му се прикаже научното работење на одделот и да се побараат средства за финансирање на науката. Професорот Дума преку тој проект им ги отвори вратите на меѓународниот научен свет на своите соработници, што во македонски услови и за македонскиот менталитет беше огромен чекор. За оваа соработка, Дума, јас и колега од Колумбија објавивме научен труд во „Прилози“, списанието на МАНУ, во кој детално го објаснивме целиот проект“, пишува Росоклија.

Инаку, соработката меѓу Македонија и САД во областа на истражувањето на постмортем мозочно ткиво не е нова и не датира од 2026 година, туку постои со децении и е документирана во научни публикации. Во труд достапен преку PubMed Central се наведува дека колекцијата на мозоци е воспоставена уште во 1996 година преку соработка меѓу Институтот за судска медицина во Скопје и американски истражувачки институции поврзани со психијатриски центри во Њујорк.

Во тие трудови се опишани и логистичките и регулаторните аспекти на процесот, вклучително и транспортот на мозочното ткиво со авион како регистриран багаж, потребните дозволи од македонското Министерство за здравство и ангажманот на посредник за испораката.

Што се однесува до етичките процедури, во академски материјали на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ експлицитно е наведено дека земањето на мозоците било вршено исклучиво по потпишана согласност од најблиските роднини и дека целиот протокол бил одобрен од Етичката комисија на Медицинскиот факултет.

Дополнително, во научен труд објавен во 2024 година повторно се споменува „Macedonian / NYSPI Brain Collection“ како извор на донорски мозоци за истражувачки цели, при што е наведено дека студијата била разгледана и одобрена од институционален одбор за етика (IRB) при Њујоршка психијатриска институција.

CATEGORIES
TAGS
Share This