ВЛАДАТА ВОЗВРАЌА – Театарот на Трендафилов не е во интерес на работниците
Од Владата велат дека средбата меѓу премиерот Мицкоски и синдикатот УПОЗ е веќе закажана и ќе се одржи во четврток во 16:45 часот.

Во врска со денешните јавни настапи и изјави на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, Владата реагира најостро на, како што наведува, обидите за создавање искривена и лажна перцепција за состојбата со социјалниот дијалог во државата.
„Не ни е јасно кого Трендафилов чекал, седејќи во празна сала, но едно е неспорно за Владата, социјалниот дијалог претставува сериозна и одговорна државна политика, а не алатка за политички театар и медиумско парадирање. Јавноста мора да знае дека средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претставниците на синдикатот УПОЗ е веќе закажана и ќе се одржи во просториите на Владата во четврток, со почеток во 16:45 часот“, се наведува во соопштението.
Од Владата истакнуваат дека ова претставува јасен доказ оти не се бега од дијалог, туку се инсистира тој да биде сериозен, суштински и насочен кон конкретни резултати.
„Социјалниот дијалог се води таму каде што му е местото, во институциите, со јасен план и искрена намера за изнаоѓање одржливи решенија. Секој обид истиот да се претвори во лажен наратив или во самоволно јавно појавување е неодговорен и директно штетен за интересите на работниците, во чие име наводно се настапува“, се додава во реакцијата.
На крајот, Владата порачува дека останува цврсто посветена на конструктивен социјален дијалог, но нема да дозволи тој да биде злоупотребуван за дневнополитички цели.

