НЕПОТРЕБНИ СТЕНТИРАЊА ЗА ПРОФИТ – Ова е составот на странската комисија
Комисијата ја сочинуваат тројца реномирани експерти од Италија и Словенија со долгогодишно меѓународно искуство.

Странската комисија за истражување на кардиолошките и кардиохируршките интервенции ја сочинуваат тројца врвни експерти:
Д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, редовен професор по кардиохирургија на Универзитетот во Удине и поранешен визитинг професор на универзитетите „Стенфорд“ и „Сан Диего“ во САД. Ливи има богато искуство во трансплантација на срце и е член на уредувачките одбори на повеќе европски стручни списанија.
Д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија, со повеќегодишно искуство на раководна позиција во Универзитетскиот медицински центар Љубљана. Тој е доктор на науки на Универзитетот во Марибор и автор на повеќе стручни трудови посветени на кардиоваскуларната хирургија.
Д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија, долгогодишен стручњак во единицата за коронарен третман при Универзитетскиот медицински центар Љубљана. Тој е доктор на биомедицински науки на Универзитетот во Љубљана и бил ангажиран како истражувач во престижниот „Cedars-Sinai“ медицински центар во Лос Анџелес, САД.
Во ноември минатата година, Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции утврди дека кај 10 од 19 анализирани случаи биле извршени непотребни операции или пациентите непотребно биле упатени на операции, соопшти министерот за здравство Азир Алиу.
Од пристигнатите 25 случаи, комисијата утврди дека шест треба да се достават до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи тие случаи не се во нејзина надлежност. Министерот посочи дека ова е само првична анализа и дека понатаму ќе се постапува заедно со меѓународната комисија за дополнителна анализа на случаите со проблематични индикации.
Комисијата беше формирана непосредно откако проф. д-р Сашко Кедев укажа дека во приватните клиники се изведуваат непотребни операции заради профит.
Деновиве, професорот и академик Кедев се повлече од Здравствениот совет при Министерството за здравство. Во својата оставка, тој наведе дека главната причина за повлекувањето е застојот во контролните процеси кои ги започнал откако открил дека на одредени пациенти им биле извршени тешки и скапи кардиолошки интервенции (како стентирање и бајпас) во приватни болници, иако според медицинските индикации тие не биле потребни.

