МИЦКОСКИ ПРОГЛАСУВА КРАЈ НА НЕДОПИРЛИВИТЕ – 50 случаи за висока корупција во тек

Советот ќе ја координира работата на институциите и ќе обезбеди резултати според европски стандарди.

МИЦКОСКИ ПРОГЛАСУВА КРАЈ НА НЕДОПИРЛИВИТЕ – 50 случаи за висока корупција во тек
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски денес го конституираше Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, нагласувајќи дека борбата против корупцијата не е само декларација, туку цврста определба на Владата.

„Не е доволно само да се покренат кривични постапки за корупција и организиран криминал – штетата мора да се надомести. Овој совет треба да обезбеди постапките за одземање на нелегално стекнат имот да се одвиваат брзо, без манипулации и одложувања“, порача Мицкоски.

Тој истакна дека во моментов се отвораат 50 случаи за висока корупција и предмети кои со години биле игнорирани или одложувани.

„Ова не е крај, туку почеток. Очекуваме нови случаи, темелни истраги и резултати кои ќе ја вратат довербата на граѓаните во институциите. Нема селективна правда, нема недопирливи“, подвлече премиерот.

Мицкоски нагласи дека борбата не завршува со кривична постапка, туку со враќање на незаконски стекнатиот имот на народот. Одземените средства ќе се користат за социјални цели и создавање нова општествена вредност, а истрагите ќе се спроведуваат и преку меѓународна соработка.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, информираше дека во 2024 година се спроведени 24 финансиски истраги, а лани нивниот број пораснал на 58, опфаќајќи 400 физички и 95 правни лица. Од нив, 33 се завршени со судска одлука и е одземен имот во вредност од 33 милиони денари.

На чело на Националниот совет е министерот за добро владеење Арбен Фетаи. Латиф Арифи, национален координатор во Владата, истакна дека изборот на Фетаи како прв Албанец на оваа позиција испраќа порака дека борбата против корупцијата е конкретен удар врз незаконското богатство, а не церемонијален процес.

Фетаи нагласи дека Советот не е уште една бирократска структура, туку средство за јасна меѓуинституционална координација и политички надзор на спроведувањето на финансиските истраги. Тој посочи дека Националната стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот (2025–2028) и Акцискиот план (2025–2026) обезбедуваат јасна рамка според европските стандарди.

„Советот не ја заменува работата на оперативните институции, туку им обезбедува јасни цели, финансиски ресурси и одговорност. Ова е клучен форум за премин од институционална какофонија кон ефективно дејствување“, истакна Фетаи.

Премиерот и потпретседателот на Владата заклучија дека борбата против корупцијата е битка за правна држава, доверба и достоинство на граѓаните, која нема да запре.

CATEGORIES
TAGS
Share This