ЦКБ ВО 2025 ГОДИНА – Стабилен раст и позитивни резултати
Вкупната актива достигна 15,3 милијарди денари, надминувајќи го годишниот план

Централна кооперативна банка ја заврши 2025 година со добри финансиски резултати, во услови на стабилен раст на потрошувачката, зголемени инфраструктурни инвестиции и подобрена надворешна побарувачка. Добивката пред оданочување изнесува 13,64 милиони денари, додека нето-профитот е 10.775 илјади денари, што претставува намалување од 24,6% во споредба со 2024 година.
Во областа на кредитите, банката оствари умерен, но стабилен раст. Во четвртото тримесечје, кредитите и побарувањата од други комитенти пораснаа за 5% и достигнаа 8.032.393 илјади денари. Растот е пред сè резултат на зголемено кредитирање на граѓаните.
Депозитите кај ЦКБ достигнаа 13.101.644 илјади денари, со годишен раст од 20%. Проширувањето на депозитната база е поттикнато од повисоките каматни стапки, што придонесе за раст на расходите за камати од 15%.
Вкупните приходи од камати се зголемени за 9% и изнесуваат 570.621 илјади денари, додека нето-каматниот приход бележи раст од 6%, достигнувајќи 348.928 илјади денари.
Приходите од провизии се зголемени за 7%, а нето-приходите од провизии и надоместоци бележат раст од 1% на годишно ниво. Дополнително, нето-приходите од курсни разлики пораснаа за 19%, додека останатите приходи од дејноста забележаа раст од 25%.
Трошоците за вработените се зголемени за 12%, останувајќи на планираното ниво, додека останатите расходи од дејноста пораснаа за 8%.
Еден од најважните показатели за раст е вкупната актива, која на крајот од годината достигна 15.293.432 илјади денари, со раст од 17% и надминување на планираното ниво, реализирајќи 108% од годишниот план.

