РАМКАТА НА ТРАМП – Нови бази, противракетна одбрана и ограничување на Кина и Русија
Рамката се заснова на историските договори од 1941 и 1945 година и има за цел да го зајакне присуството на САД во Арктикот.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предлага рамка за безбедносна соработка со Данска и Гренланд, која, според специјалниот пратеник на Трамп за Гренланд, Џеф Ландри, ќе ја зајакне безбедноста и на САД и на овие територии, како и ќе ја потврди долгогодишната трансатлантска одбранбена соработка.
Ландри истакнува дека предлогот се заснова на одбранбените договори меѓу САД и Данска од 1941 и 1945 година. Според него, имплементацијата на рамката би ја зголемила оперативната слобода на САД, би овозможила создавање нови бази и инфраструктура, би го олеснила распоредувањето напредни системи за противракетна одбрана, како „Златната купола“, и би го ограничила влијанието на Кина и Русија во регионот.
„Овие мерки не се провокативни, туку превентивни. Тие ќе обезбедат САД да поставуваат правила во еден од стратешки најважните региони во светот, наместо нивните противници“, пишува Ландри.
Тој истакна дека Арктикот повеќе не е периферен регион, бидејќи Гренланд се наоѓа на приближно исто растојание од Вашингтон и Москва, има критична инфраструктура за рано предупредување и противракетна одбрана и е важен за арктичките бродски патишта кои Кина и Русија се обидуваат да ги искористат.
Ландри заклучи дека Гренланд отсекогаш имал стратешка важност за безбедноста на САД, што го потврдува и историјата, но и потребата од соодветна стратегија.
Во среда, претставници на САД, Данска и Гренланд одржаа разговори за безбедноста на островот. Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Лока Расмусен, оцени дека состанокот поминал добро и во конструктивна атмосфера, но дека сè уште не се донесени конечни заклучоци.
Овие дипломатски разговори следуваат по месеци тензии меѓу Данска и САД, поради постојаните барања на Трамп САД да го преземат Гренланд од безбедносни причини, иако островот е автономна територија на Данска.

