БОРБА ПРОТИВ ПЛАГИЈАТ – Министерството за образование лансира платформа „plagijat.mk“
Повторување на магистерски трудови меѓу професори и студенти е недозволиво

Министерството за образование најави платформа „plagijat.mk“ на која ќе бидат објавувани сите научни и магистерски трудови кои содржат плагијат, со цел да се спречи оваа чест појава.
Министерката Весна Јаневска во емисијата „Клик Плус“ објасни како ќе функционира платформата:
„Научните трудови ќе бидат достапни за јавноста. Тие веќе се во библиотеките, но сега ќе бидат ставени во систем кој ќе овозможи групирање по области и полја. Така ќе можеме да ги споредуваме трудовите. Јавноста веќе зборува дека кај некои кандидати и професори се повторуваат исти или слични магистерски трудови, што е недозволиво. Не може само да се смени насловот, а содржината да остане иста“, рече Јаневска.
Министерката додаде дека во моментов се работи по пријави за фалсификат дипломи. Според постоечкиот закон, можни се само казни, но со новиот Закон за високо образование кои наскоро ќе стапи на сила, ќе се воведат дополнителни процедури за овие случаи.
„Во овој период работиме за утврдување на факти за случувањата во минатото, но има индиции дека плагијатот се случува и сега, иако во помал процент. Жал ми е што сегашните закони за високо образование имаат пропусти кои не дозволуваат целосно решавање на проблемот. Соработуваме со Државниот просветен инспекторат, кој надвор од планот спроведува истражувања, и во моментов постапуваме по сите пријави. Голем дел од нив се решени со казни за прекршителите, а ќе мора да се вклучи и Агенцијата за квалитет на високото образование“, изјави Јаневска.

