СУДСКИ ИЗБОРИ ЗА ЧЛЕН НА СУДСКИ СОВЕТ – Садула Изаири освои најмногу гласови

За судијата од Основниот суд Тетово гласале 179 од вкупно 390 судии што излегоа на гласање

СУДСКИ ИЗБОРИ ЗА ЧЛЕН НА СУДСКИ СОВЕТ – Садула Изаири освои најмногу гласови
Фото: Принтскрин

Судијата Садула Изаири од Основниот суд Тетово освои најмногу гласови на денешните непосредни избори за член на Судскиот совет од редот на судиите припадници на етничките заедници кои сочинуваат над 20 отсто од населението во државата.

Како што информираше судијата Осман Шабани, претседател на Комисијата за спроведување на изборите, станува збор за прелиминарни резултати, бидејќи сè уште трае рокот за поднесување приговори, а конечните резултати ќе бидат соопштени утре.

За Изаири гласале 179 судии од вкупно 390 кои го искористиле правото на глас. Во Изборниот именик биле запишани 418 судии, што значи дека излезноста изнесува 93 проценти, а регистрирани се 12 неважечки гласачки ливчиња.

Гласањето се одвиваше од 8 до 15 часот во сите судови низ државата, а прелиминарните резултати беа објавени вечерва на јавна седница во Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Во изборната трка учествуваа уште пет кандидати: Африм Јакупи (Апелациски суд Гостивар), Улбер Хасани (Основен граѓански суд Скопје), Хасан Асани (Основен суд Тетово), Џемали Саити (Врховен суд) и Шпреса Граинца-Османи (Основен кривичен суд Скопје).

Во биографијата на Садула Изаири стои дека е судија веќе 18 години. Правниот факултет го завршил во Приштина, а правосудниот испит го положил на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2004 година. Во својата кариера работел како управител на приватна фирма, секретар во Општина Боговиње и генерален директор на „Македонски пошти“ од 2005 до 2008 година. Истата година е избран за судија во Основниот суд Тетово, каде постапува по предмети од кривичната област.

Изборот за нов член на Судскиот совет следува по истекот на шестгодишниот мандат на судијата Ханиф Зендели од Апелацискиот суд Гостивар.

Инаку, Судскиот совет брои 15 члена и се смета за клучен орган во судскиот систем, надлежен за избор, разрешување и оценување на работата на судиите и претседателите на судовите.

CATEGORIES
Share This