ИСТОРИСКИ ПРЕСВРТ ВО ВОЈУВАЊЕТО – Автономен робот зароби војници во Украина
Овој систем може трајно да ја промени стратегијата на современите конфликти

Технологијата бележи нова пресвртница во војната во Украина. За првпат досега, целосно автономен копнен робот успеа да зароби непријателски војници без директно учество и ризик за украинските сили.
Операцијата се случила во регионот Лајман и, според оценките, може трајно да го промени начинот на водење модерни воени дејства. Украински борбен робот, опремен со вештачка интелигенција, успешно лоцирал и принудил на предавање тројца руски војници.
Информацијата ја потврди компанијата DevDroid, производител на роботскиот систем, која нагласи дека мисијата е извршена со „нула ризик“ за украинските војници, пренесува Дејли меил.
Од DevDroid велат дека овој случај е јасен пример како напредната технологија може директно да спасува животи на терен.
„Мисијата беше извршена од далечина, а фондот за размена на затвореници е зголемен. Вака изгледа современото војување и роботите се на првата линија, а луѓето остануваат безбедни“, соопшти компанијата.
Роботот што ја извршил операцијата, модел TW-7.62, не е класична машина со далечинско управување. Тој користи вештачка интелигенција за автономно препознавање, фиксирање и следење на целите, а опремен е и со балистички компјутер кој ја зголемува прецизноста и ја минимизира можноста за човечка грешка.
Иако слични роботски системи досега биле користени за уништување оклопни возила или за обезбедување фронтовски позиции, ова е прв забележан случај во кој автономен робот директно ги принудува непријателските војници да се предадат.
Видео-снимка направена од самиот робот го прикажува моментот на предавање, што дополнително ја потврдува ефикасноста и надмоќта на оваа технологија во одредени борбени услови.

