ФИЛМОТ ВАЛКАН ТАНЦ ДОБИВА ПРОДОЛЖЕНИЕ – Греј повторно во улога што ја сакаат сите
Продолжението на „Валкан танц“ ќе ја донесе Бејби на големото платно повторно

Џенифер Греј ќе ја повтори улогата на Бејби (Френсис Хаусман) во продолжението на големиот хит од 1980-тите, „Валкан танц“. Сценариото за новиот филм е напишано од Ким Розенсток, а продукцијата се очекува да започне подоцна оваа година.
„Улогата на Бејби зазема многу значајно место во моето срце, како и во срцата на многу обожаватели. Долго време се прашував каде би можеле да ја најдеме Бејби години подоцна и како би изгледал нејзиниот живот. Но, потребно беше време да се соберат луѓе на кои може да им се верува дека ќе го продолжат наследството на оригиналниот филм. Возбудена сум што можам да кажам дека тоа долго чекање наскоро ќе заврши“, вели 65-годишната Греј, која во оригиналниот филм од 1987 година глумеше со покојниот Патрик Свејзи.
Продуцентката Лиза Џејкобсон истакнува дека „Валкан танц“ е „редок филм кој е емотивен, возбудлив и бунтовен, и денес ја има истата магија како кога излезе“.
Греј, која исто така е и извршна продуцентка на продолжението, со години зборуваше за можноста за нов филм. Во 2020 година таа изјави дека продолжението нема да се обидува да ја врати хемијата со Свејзи, кој почина во 2009 година на 57-годишна возраст од рак на панкреас.
„Сѐ што можам да кажам е дека нема замена за оние што ги нема повеќе. Никогаш не се обидуваш да го повториш нешто толку магично“, рече таа тогаш.

