БИСЛИМОВСКИ РЕАГИРА НА КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА – Работев законски и ќе го докажам тоа

РКЕ прогласена за една од најдобрите регулаторни комисија во Енергетската заедница

БИСЛИМОВСКИ РЕАГИРА НА КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА – Работев законски и ќе го докажам тоа
Фото: Принтскрин

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимоски, на денешната прес-конференција изјави дека постапките за одземање на лиценци се строго регулирани со Законот за енергетика и Правилникот за лиценцирање. Тој нагласи дека истиот пристап што бил применет за компанијата спомната во јавноста бил применет и за сите други компании, во сите сектори на енергетиката, вклучително нафтени деривати и електрична енергија.

Бислимоски истакна дека во РКЕ никогаш не постоел повластен статус за ниту една компанија, и дека постапките биле водени од сериозен тим во рамките на комисијата.

„„Буквално истите постапки ги применуваме за сите сектори од енергетиката. Никогаш немало повластена компанија, ниту постапки водени спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценцирање“, изјави Бислимоски.

Во врска со поднесената кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување од страна на Управата за финансиска полиција, тој рече дека ќе го следи целиот процес и ќе ги стави на располагање сите информации до надлежните институции, убеден дека нема прекршување на законската регулатива.

„Во наредниот период ќе се обидам да го докажам тоа. Како татко, сопруг и пријател, нема да дозволам моето име да биде извалкано. Сè што е на располагање ќе го доставам до институциите, и цврсто сум сигурен дека ќе се покаже дека немало никакво прекршување ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, нагласи Бислимоски.

На прашање за можни политички мотиви зад пријавата, тој рече дека тоа треба да го прашаат подносителите и дека времето ќе покаже дали имало политички притисоци.

Бислимоски потсети дека РКЕ во изминатиот период била оценета како една од најдобрите регулаторни комисија во рамките на Енергетската заедница, поради примената на пропишаните процедури и постапки.

„Регулаторната комисија беше прогласувана за најдобра во Енергетската заедница токму поради примената на добри постапки и процедури. Денес, истите процедури ги применуваме и во други сектори, како електрична енергија, природен гас, и нафтени деривати“, рече Бислимоски.

Во однос на критиките за времетраење на постапките, тој појасни дека истиот процес се спроведувал идентично за повеќе компании. Некои компании завршиле со одземање на лиценца, а кај други лиценцата не била одземена ако било утврдено дека не се исполнети условите.

„Во истиот период се воделе и други постапки. Некои завршиле со одземање на лиценца, а кај други, доколку условите не биле исполнети, лиценцата не била одземена. Сето тоа се однесува не само на нафтените деривати, туку и на електричната енергија и природниот гас, со применети пропишани рокови и процедури“, објасни Бислимоски.

На прашањето дали се одредувале дополнителни рокови за отстранување недостатоци, тој рече дека се воделе постапките според правните служби на РКЕ и дека никогаш немало различен пристап за различни компании.

„Не сум правник, но цврсто верувам дека постапките што ни биле предложени од правните служби се точни и истите се применети. Немало различен третман за различни компании“, заклучи Бислимоски.

CATEGORIES
Share This