ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ЕКОНОМСКА КРИЗА – Европа се кочи сама, штетите од блокадите и до сто милиони евра дневно
„Повеќе од 50 камиони го блокираат граничниот премин Батровци, а превозниците најавуваат проширување на протестот“

Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, истакна дека блокадите на граничните премини и прекинот на извозот од целиот Западен Балкан предизвикуваат директна штета од околу 100 милиони евра дневно. Утрово тој го посети граничниот премин Батровци, каде што повеќе од 50 камиони го блокираат товарниот сообраќај.
„Срамно е што ова се однесува на извоз на стока. Дополнително, секоја производствена компанија се соочува со казни и пенали за неиспорачана стока, кои се движат од 10.000 до 50.000 евра дневно. Во Србија има околу 10.000 компании кои извезуваат во ЕУ, па штетата може да достигне навистина големи размери“, изјави Чадеж, пренесуваат српските медиуми.
Тој посочи дека сегашната криза со снабдување е резултат на нефлексибилноста на европската бирократија.
„Веќе повеќе од две години бизнисмени од целиот Западен Балкан – од Србија, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора се обидуваат да ја искажат загриженоста кон Европа, а истото го прават и компаниите од ЕУ кои произведуваат во регионот, но се уште нема решение. Сега имаме парадоксална ситуација: Европа и европските компании сами себе се кочат или блокираат“, нагласи Чадеж.
Тој додаде дека моменталната криза сериозно ги загрижува компаниите, поради што на преминот Батровци беше придружуван од претседателот на Германско-српската комора, Филип Симовиќ.
„Во текот на овие две години немавме никакво решение. Само во Германија беа приведени девет возачи. Европските правила важат и за возачите и за емигрантите, што практично доведува до застој на целата европска економија, не само на Западен Балкан“, додаде Чадеж.
Претседателот на Здружението на превозници на Србија, Неѓо Мандиќ, најави дека блокадата ќе се прошири и на два дополнителни гранични премини кон Бугарија – Мокрање, близу Неготин, и Рибарци, близу Босилеград откако некои руски превозници се обидоа да ги заобиколат постојните блокади.
Српската стопанска комора вчера соопшти дека интензивно работи на итно решавање на проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген зоната, во соработка со коморите од регионот на Западен Балкан.

