ПРАВОСИЛНИ ПРЕСУДИ БЕЗ ЕФЕКТ – Уставниот суд со сомнеж за член 218 од Законот за извршување

Судот предупредува дека спорната одредба може да ги направи судските одлуки само декларативни

ПРАВОСИЛНИ ПРЕСУДИ БЕЗ ЕФЕКТ – Уставниот суд со сомнеж за член 218 од Законот за извршување
Фото: Национал

Уставниот суд на првата седница одржана на 21 јануари 2026 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот за извршување.

Оспорениот член предвидува дека врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.

Во вториот став од членот е утврдено дека кои предмети и права се сметаат за неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот, ќе утврдува претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршувањето, доколку странките не постигнат согласност или ако таква потреба се појави во текот на постапката.

Во соопштението до медиумите, Уставниот суд наведува дека во оваа фаза од постапката изразил сомнеж дека оспорената одредба е нејасна и непрецизна. Според Судот, со ваквото законско решение законодавецот воспоставува општа и нејасна забрана за извршување врз предмети и права, без да бидат утврдени јасни правни стандарди и без прецизно дефинирање на тоа кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на овие субјекти.

Судот смета дека ваквата уреденост може да доведе до ситуација во која правосилните судски пресуди и извршни решенија во корист на граѓаните и правните лица, како доверители, остануваат само декларативни, бидејќи во пракса не можат да се извршат, особено поради нејасноста околу тоа на кои предмети и права се однесува забраната.

Дополнително, Судот оцени дека вториот став од членот не може самостојно да опстои во правниот поредок без првиот став. Воедно, се отвори и прашањето за неговата содржина, со која на претседателот на надлежниот суд му се дава дискреционо право да одлучува кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста, што според Судот може да создаде правна несигурност.

Уставниот суд изрази сомнеж дека оваа одредба создава правна непредвидливост и директно ја нарушува правната сигурност на субјектите, што е спротивно на уставното начело на владеење на правото, утврдено во член 8 од Уставот. Истовремено, Судот оцени дека со ограничувањето на можноста за ефективно остварување на паричните побарувања може да се задира и во уставно загарантираното право на сопственост од член 30 од Уставот.

Иако подносителот на иницијативата, Николче Митевски, го оспоруваше само првиот став од член 218, Судот на седницата по сопствена иницијатива одлучи да поведе постапка и за вториот став.

Во иницијативата е наведен и конкретен пример од судската пракса, каде што лице вработено во комунално претпријатие, на кое не му биле уплаќани придонеси за пензиско осигурување, иако има 15 години работен стаж, не може да го оствари правото на пензија. Иако лицето добило правосилна судска пресуда во негова корист, наплатата не може да се спроведе, бидејќи извршителот не може да преземе извршни дејствија токму поради непрецизноста на оспорената законска одредба.

При донесувањето на конечната одлука, Уставниот суд ќе ги има предвид и правните последици од евентуалното укинување или поништување на одредбата, како и влијанието што таквата одлука би го имала врз државните органи, јавните претпријатија и општините кои се соочуваат со извршни постапки.

CATEGORIES
Share This