МАКЕДОНЕЦ ВО ВСЕЛЕНАТА – Претстава што го поставува најчудното прашање
Премиера на новата претстава на „Штрих“ на 30 и 31 мај во „Јавна Соба“.

Независниот театар „Штрих“ на 30 и 31 мај во „Јавна Соба“ ќе ја одржи премиерата на претставата „Првиот Македонец во вселената“, авторски проект на Борис Василески. Претставите започнуваат во 20 часот, а билетите се достапни преку платформата Tix.mk по цена од 600 денари.
Станува збор за петтата продукција на овој независен театар, која преку елементи на научна фантастика отвора длабоки прашања за амбицијата, осаменоста, невидливоста и човечката потреба да верува во сопствената иднина.
Претставата „Првиот Македонец во вселената“ не ја третира вселената како научен или технолошки поим, туку како симболичен простор за преиспитување на соништата, идентитетот и чувството на припадност. Според авторот и режисер Борис Василески, инспирацијата произлегла од прашањето што би се случило доколку еден Македонец навистина поверува дека може да стигне до вселената.
Драматургот Марио Стојаноски ја опишува претставата како епска приказна за остварување на соништата со кои луѓето одамна се простиле, но и за „заспаните“ амбиции на малите народи.
Во актерската екипа настапуваат Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Ава Хусеини, Јанка Лефкова и Ана Грамосли / Вера Тошева.
