МАКЕДОНИЈА ГО ЗАДРЖА КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ – Стандард и Пурс ја потврди економската стабилност

Кредитниот рејтинг „BB- со стабилни изгледи“ ја потврдува стабилноста на макроекономската политика и способноста на државата да ги сервисира финансиските обврски

МАКЕДОНИЈА ГО ЗАДРЖА КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ – Стандард и Пурс ја потврди економската стабилност
Фото: Национал

Меѓународната кредитна агенција „Стандард и Пурс“ потврди дека РС Македонија го задржува кредитниот рејтинг на нивото BB- со стабилни изгледи. Ова ја потврдува стабилноста на макроекономската политика, умереното ниво на јавниот долг и способноста на државата навремено да ги сервисира своите финансиски обврски, дури и во услови на глобална економска неизвесност.

Агенцијата во својот извештај истакнува дека економскиот раст се забрзува, поддржан од јавните инвестиции, особено во големи инфраструктурни проекти, како и од зголемувањето на платите и пензиите. Се очекува економскиот раст да достигне околу 3,5% во 2026 година, а на среден рок да се стабилизира околу 3%, со постепено зголемување на улогата на приватните инвестиции и надворешната побарувачка.

„Стандард и Пурс“ ја истакнува определбата на Владата за забрзување на економскиот раст преку инфраструктурни проекти, зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на деловното опкружување, поефикасна наплата на јавните приходи и намалување на сивата економија.

Политиките се насочени кон поддршка на домашната побарувачка преку раст на платите и пензиите, со продолжување на фискалната консолидација. Со Буџетот за 2026 година се предвидува умерено намалување на буџетскиот дефицит на 3,5% од БДП, при задржување високо ниво на капитални инвестиции. Приходите се очекува да растат побрзо од расходите, додека расходите се насочени кон инфраструктура, плати, пензии и социјални трансфери.

Агенцијата оценува дека фискалната консолидација е во тек, иако јавниот долг е повисок од периодот пред пандемијата. Надолните ризици, како економските движења во ЕУ, се избалансирани со отпорноста на домашната економија, стабилноста на финансискиот систем и претпазливата монетарна политика.

Дополнителен напредок во институционалните и структурните реформи, особено во владеењето на правото и борбата против корупцијата, може да ја зајакне економската и фискалната позиција и да придонесе за подобрување на кредитниот профил.

Кредитниот рејтинг се оценува двапати годишно од „Стандард и Пурс“ и „Фич“ и е клучен индикатор за инвеститорите, покажувајќи го нивото на ризик при инвестирање во земјата.

CATEGORIES
Share This