КАМЕРИТЕ РАБОТАТ, ПРЕКРШОЦИТЕ ПАЃААТ – „Безбеден град“ ја менува возачката култура
Проектот има цел да ја намали бројката на жртви во сообраќајот

Системот „Безбеден град“ се наоѓа пред официјална операционализација, а премиерот Христијан Мицкоски тврди дека камерите веќе носат видливи резултати и влијаат врз однесувањето на возачите. На прашањето за поддршката од опозицијата и најавените законски измени, тој нагласи дека најважен останува човечкиот, односно заштитниот аспект на проектот.
„Синоќа одржав координациска средба со врвот на МВР и тимот задолжен за реализација на проектот. Податоците за јануари се уште подобри во споредба со оние од декември“, изјави премиерот, посочувајќи дека дневниот број прекршоци е намален од околу сто илјади на само неколку илјади.
Иако стартот е најавен за 1 февруари, неизвесност сè уште постои поради дел од опозициските партии. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, побара дополнителни гаранции преку амандмани, пред да го поддржи Законот за прекршоци. Мицкоски, пак, оценува дека на секој ваков процес му следуваат прилагодувања.
„Ниту еден ваков систем не бил совршено воспоставен од самиот почеток. Сосема е очекувано во првите три до шест месеци да има корекции и усогласувања. Но она што мене ме охрабрува е веќе почувствуваниот хуман бенефит – намален број жртви во сообраќајот“, рече тој.
Целта на проектот е целосно дигитализирање и автоматизирање на санкционирањето, со очекување за значително подобрување на безбедноста и дисциплината на улиците во главниот град.


