Системот на високото образование во Македонија и МОН не сака да ги препознае високите постигнувања на македонските научници

Министерката Јаневска е коавторка со професорката Дачева на три научни труда а сега како министерка не сака да ги испита сите неправди што и се нанесени на професорката Давчева

Системот на високото образование во Македонија и МОН не сака да ги препознае високите постигнувања на македонските научници
Фото: Национал

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
Недела, 18 јануари 2026 година

Една од клучните варијабли за позиционирањето на македонските државни универзитети на познатата интернационална Шангајска листа на универзитети, претставува објавувањето на научни трудови во престижни интернационални списанија, особено списанија со Фактор на влијание, популарно наречениот импакт фактор.

Со оглед на позиционирањето на најстариот УКИМ на Шангајската листа, или поточно кажано неговото непозиционирање во редот на првите 2000 универзитети во светот, со право може да се очекува дека УКИМ високо ќе ги вреднува научниците вработени во неговите редови (а позицијата на Шангајската листа доволно говори дека тие не се бројни), кои имаат капацитет, знаење и подготвеност да објавуваат научни студии во реномираните списанија со импакт фактор и со тоа најдиректно да придонесат за неговата меѓународна видливост.

Покрај универзитетите, државата или поточно Министеството за образование и наука се очекува да даде поддршка и признание на немногубројните (поточно, ретките) македонски научници од овој калибар.

Деновиве имавме можност да прочитаме на социјалните мрежи (а не во дневните печатени гласила и не во електронските медиуми) за објавен Ревијален научен труд во престижното јапонско списание Legal medicine (во превод Правна или Судска медицина), официјалното списание на Јапонската асоцијација за судска медицина, со Импакт фактор од 1,4 и фактор на цитираност од 2,6. Списанието датира во сегашната форма (на англиски јазик) од 1999 година, но од 1944 година постоело на јапонски јазик.

Научничка од нашата држава, насловен вонреден професор Наташа Давчева, вработена на УКИМ а предава на ФМН при УГД Штип, го објавува ревијалниот труд, кој во целост го цитирам:

Davceva N, Balažic J. Forensic medical analysis of closed head acceleration-deceleration injuries: a narrative review. Leg Med (Tokyo). 2026 Jan 7;80:102778.

doi: 10.1016/j.legalmed.2026.102778. Epub ahead of print. PMID: 41520462.

Што значи Ревијален научен труд во списание со Импакт фактор?

Како човек кој сиот работен век го поминав во образованието и континуирано ја анализирам состојбата со високото образование во Македонија, за читачката публика ќе објаснам што значи Ревијален научен труд.

Имено, главните уредници на научните списанија се обраќаат и ги канат проминетните научници од интернационалната научна заедница, кои се истакнале со своите претходно објавени резултати од определена научна област и некое потесно научно поле, да изготват ревијален труд во кој ќе ги опфатат сите аспекти на некоја значајна научна проблематика. За да се добие ваква покана, авторот-истражувач треба да е веќе етаблирано име во науката со значаен опус на објавени научни трудови од соодветната научна област.

Во конкретниот случај се работи за научната проблематика на затворените повреди на главата, особено таканаречените акцелерационо-децелерациони повреди и механизмите на нивното настанување. Во референците на ревијалниот труд се наоѓаат шест претходно објавени трудови од страна на авторката Давчева во списанија со имапкт фактор.

Ова, да се изразам со спортски речник “олимписко” постигнување на нашата македонска научничка, сигурно би останало ограничено во редовите на академската заедница (па и така треба и да биде!), за таму да се цени, вреднува, репродуцира и споделува, доколку не постоеја патешествијата во академското напредување на проф.д-р Наташа Давчева, за кои сум пишувал веќе неколку пати.

За воља на вистината, ова не е прв ревијален труд објавен од страна на македонската научничка. Во 2015 година таа за првпат објави ревијален труд на покана на уредникот на престижниот American Journal of Forensic medicine and pathology, официјаното списание на Американското списание за судска медицина:

Davceva N, Basheska N, Balazic J. Diffuse Axonal Injury-A Distinct Clinicopathological Entity in Closed Head Injuries. Am J Forensic Med Pathol. 2015 Sep;36(3):127-33. doi: 10.1097/PAF.0000000000000168. PMID: 26010053.

 Заради нејзините постигнувања во областа на повредите на главата и особено специфичната Дифузна аксонална лезија на мозокот, д-р Давчева секојдневно добива писма и барања од колеги од целиот свет, да ги сподели своите резултати и искуства. Од целиот свет, но не и од Македонија.

Патешествијата на проф д-р Давчева во лавиринтот на високото образование на Република Македонија

Вработена на Институтот за судска медицина, Медицински факултет УКИМ, цели 28 години, денес таа е најстариот специјалист по судска медицина во овој институт, со очигледни и големи научни достигнувања кои се јасно мерливи, а токму таа никогаш досега не била избрана во наставно-научно звање на Катедрата каде била асистент вкупно 19 години!

 Уште еднаш почитуван читателу прочитај го претходниот факт, за да сфатиш дали е воопшто возможно и дали е замисливо еден научник со проминентни научни резултати, кој бил дел од наставно-образовната дејност на Катедрата по судска медицина цели 19 години и цели 28 години е вработена на Институтот за судска медицина, досега во процесот на академското напредување да е заобиколена од дури 5 колеги (кои докторирале после неа и со помалку години специјалстичка дејност), меѓу кои е и актуелниот Раководител на институтот, но исто така и млади доктори со помалку од 5 години специјалистичка дејност, на кои професорката Давчева им била едукатор.

За да се заобиколи докторката Давчева и да се истера агендата (пред се на раководителот на институтот но и на долгогодишната шефица на катедрата по судска медицина која полтронски им се поклонуваше на желбите на раководителот), мораа да бидат направени “цели стратегии нацртани на хамер” (Андоновски) како би можела да се елиминира докторката од академското напредување.

 Сето ова е јасно видливо од Конкурсот за избор на наставник по судска медицина на Медицинскиот факултет во Скопје објавен на 07.02.2024 (Реферат објавен во Билтен бр. 1315 од 01.10.2024), каде петчлената рецензиона комисија предводена од двајцата претходноспоменати раководители, под нивни притисок и со несовесно постапување во службата, ги вршат следните дејанија, за кои правниците може да одлучат дали се во сферата на кривичната одговорност:

-Променети се и фалсификувани делови од Биографијата на кандидатот проф. д-р Наташа Давчева, вклучувајќи го името на институтот каде таа докторирала, како и научниот степен кој таа го стекнала;

-Бегло и непрецизно е претставено познавањето на англискиот јазик на д-р Давчева, без прецизирање на степенот кој таа го поседува, кој степен е прецизиран кај противкандидатката која очигледно се фаворизира;

-469 правно-медицински експертизи се дадени како паушална бројка, за разлика од скромните 125-те експертизи на младата колешка која е избрана, претставени со архивски број и датум, со цел да се избегне очигледната компаративна предност на Давчева како кандидат на конкурсот;

-Во ставката Едукаторство на специјализанти со употерба на двоен аршин при оценувањето, кандидатката д-р Давчева добила 10 пати помалку бодови споредбено со Раководителот на институтот кога тој бил избиран во наставно-научно звање, а за истата ставка, со што е употребен двоен аршин;

-Не и се бодувани учествата во наставно-научни проекти, нити научните методи кои ги вовела и кои ги објавила во научни списанија!

 Со сите претходни манипулации, кандидатката д-р Давчева е бодувана со 835,974, наспроти младата противкандидатка (која е без ниту еден авторски труд во странско списание со слепа рецензија) која е бодувана со 374,94 бодови, која потоа е избрана, а без притоа да се даде било какво образложение во заклучокот од Рефератот, од кои причини комисијата се одлучила да го игнорира мерит системот.

Со овој избор, како долгогодишен инспектор одговорно тврдам дека се нарушени и повредени неколку членови од Законот за високо образование (ЗВО), а особено е нарушен членот 164 каде се пропишани Критериумите за избор во наставно-научно звање.

Во вознесот и инспирацијата на комисијата што поодлучно да ја дискредитира и елиминира кандидатката Давчева, особено во занесот на гореспоменатите двајца раководители, тие креираат сомнителни и проверливи “достигнувања” за младата колешка, како би и овозможиле подобар бодовен резултат, па поприлично завлегуваат во криминални дејанија.

 Срамотата е јасна и голема, лесно проверлива и овековечена со излегување во печат на наведениот Реферат во Билтенот на УКИМ бр. 1315. Направена е огромна штета на Катедрата по судска медицина, на МФ и на УКИМ, но најмногу од се’ направена е штета на јавниот интерес, категорија загарантирана со Уставот на Република Македонија и застапена во првите 15 страни од Статутот на УКИМ. Извршена е еклатантна злоупотреба на дискреционите овластувања на комисијата, без воопшто да се даде формално објаснување за донесената одлука.

 Токму на овој начин, на универзитетите добиваме лица избрани во наставно-научно звање без воопшто да поседуваат профил во релевантните научни бази како што се Scopus, Web of science и сл, имаме дури шефови на катедра, па и продекани со h-индекс (показател на научната видливост) од вредност 2, долгогодишни редовни професори се фалат по социјалните мрежи со h-индекс од 5 (кој треба да е својствен за млади научници на почеток на кариерата) и едноставно работите се толку многу извртени и нелогични што зборува за една вистинска какофонија во високото образование.

Интересен факт за читателите и интересентите на оваа неверојатна приказна, приказна во која тешко е да се поверува, е дека во три од шест трудови со импакт фактор на научничката Давчева (а кои се цитирани во последната објавена студија), до името на авторката Давчева, стои името на Весна Јаневска како коавтор.

Што ова значи? Ова значи дека министерката Јаневска е една од малкумината професори која во целост ги познавала интелектуалните, научните и авторски капацитети на д-р Давчева. Тоа е очигледно, бидејќи таа, односно нејзиното име, сведочи дека проф. Давчева за една година објавила три научни трудови во списанија со импакт фактор (во далечната 2012), а покрај името на авторката Давчева стоело името на Јаневска.

Токму Весна Јаневска, десетина години подоцна и сега на позиција Минстер за образование и наука, преку постапката која се водела во Државниот просветен инспекторат била во детали известена за скандалозниот избор и сите манипулации кои се случиле. Неколку приговори и писма биле директно адресирани до министерката Јаневска. Но, тоа не било доволно за целисходна реакција од страна на министерката.

Таа никогаш ниту ја повикала на разговор проф. Давчева, ниту соодветно одговорила на приговорите адресирани до неа. Таа само од високо ја следела ситуацијата, без никаква желба и потреба да интервенира, дури и во делот на прекршувањата на ЗВО каде би морала да интервенира. Таа дури и како колешка не почувтсвувала потреба да ја повика Давчева на разговор, и покрај фактот дека нејзиното име се наоѓа покрај името на Давчева во дури три научни трудови објавени во списанија со Импакт фактор. Каков силен нагон за игнорирање и ставање на главата во песок, а возможно и додворување на факултетските власти!

Како избран насловен професор на ФМН УГД Штип (иако вработена на МФ УКИМ) професорката Давчева со жар и посветеност ја обавува својата професорска должност. Од 2019 година таа е избрана за доцент на МФ при Универзитетот во Марибор, Република Словенија. Но, непобитен факт е дека насловното звање е привремено и многу рестриктивно звање, кое е предвидено само за краток временски период и дека согласно важечките одредби на ЗВО, во наставно-научно звање научникот може да биде избран исклучиво на институцијата каде е вработен, а проф. д-р Наташа Давчева е вработена само и исклучиво на МФ УКИМ.

На овој начин таа е ставена во ситуација, да доколку сака да ја продолжи својата академска кариера треба да го напушти институтот и институцијата (МФ УКИМ) каде е вработена 28 години или пак, доколку сака да остане во институтот кој го градела заедно со своите колеги долги години, тогаш би морала да се откаже од академскиот напредок.

Многумина веројатно веруваат и се надеваат дека можеби својата академска кариера научничката ќе ја продолжи во странство, па со тоа да “им се тргне од патот” на оние кои не му мислат добро на високото образование во земјава. Ова ли е начинот на кој ќе го градиме квалитетот во високото образование? Така што ќе го занемаруваме вистинскиот и мерлив квалитет, ќе ги губиме најискусните научници и ќе си играме со човечки судбини?

На потег е Владата на Република Македонија!

На потег е премиерот проф.д-р Христијан Мицкоски!

Се во интерес на високото образование и наука во Република Македонија!

CATEGORIES
TAGS
Share This