ТЕНЗИЧНО ДЕНЕШНОТО РОЧИШТЕ ЗА ПУЛС Викотници и аплауз по сведочењето на мајките, судот се закани со рочишта без публика

Мајките обвинија за нелегална работа на дискотеката и наводна спрега со локалните власти

ТЕНЗИЧНО ДЕНЕШНОТО РОЧИШТЕ ЗА ПУЛС Викотници и аплауз по сведочењето на мајките, судот се закани со рочишта без публика
Фото: Национал

Со сведочењето на Марија Петрушева, мајка на 24-годишниот Андреј кој го загуби животот, денеска во затворот „Идризово“ продолжи судскиот процес за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, што се случи на 16 март годинава. Во трагедијата животот го загубија 63 млади лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Пред судот, Петрушева детално ја опиша кобната ноќ и часовите на неизвесност пред да дознае дека нејзиниот син е меѓу жртвите. Таа сведочеше дека Андреј работел во ресторан и планирал повторно да замине на работа во Хрватска, а последен пат се слушнале околу 18:30 часот, кога ѝ рекол дека е преморен.

„Околу 2:45 часот по полноќ ги слушнавме првите сирени. Од терасата видовме противпожарно возило како оди кон излезот на градот, а потоа и светлина на небото во правецот каде што се наоѓа ‘Пулс’. Знаев дека таму има концерт на ДНК и веднаш почнав да им се јавувам на двајцата синови. На Андреј му испратив и порака на Инстаграм во 3:10 часот – таа до денес остана непрочитана“, раскажа Петрушева.

Семејството веднаш се упатило кон дискотеката, каде ги затекнала хаотична сцена, голем број луѓе и објект зафатен од пламен. Додека нејзиниот сопруг влегол внатре во потрага по децата, таа им помагала на младите на паркингот, стравувајќи да не го препознае својот син меѓу повредените.

„Едно момче ми рече: ‘Вујно, Кристијан е добар, а Андреј имаше слаб пулс и ги однесоа со брза помош’. Тоа ми даде надеж и мислев дека ако се во болница, ќе бидат спасени. Не сфаќав дека многу од децата што лежат на земја веќе не се живи“, изјави таа.

Состојбата во кочанската болница ја опиша како застрашувачка, со ходници преполни со повредени млади луѓе. Таму го пронашла помладиот син Кристијан, кој ѝ соопштил дека не успеал да го спаси својот брат.

„Во собата број два го видов Андреј. Изгледаше како да спие. Не можев да прифатам дека е мртов. Го молев докторот да направи нешто, но ми кажа дека веќе е предоцна“, сведочеше Петрушева.

Кристијан, кој успеал да излезе од дискотеката, неколкупати се враќал внатре за да извлече други посетители, додека очајнички го барал својот брат. По трагедијата, неговото здравје е сериозно нарушено, со тешки психички последици и здравствени компликации од вдишување чад, поради што бил подложен и на итна хируршка интервенција.

Своето сведочење, Петрушева го заврши со зборовите дека нејзиниот живот е неповратно променет.

„Секој ден се прашувам зошто се случи ова и зошто не можеше да се спречи. Болката е неподнослива“, рече таа.

Мајката на загинатата Драгана Минова, Ирена Минова исто така во сведчењето ја опишува трагичната ноќ во која го загубила своето 16-годишно дете.

„Тука сум затоа што ѝ ветив на мојата ќерка дека ќе ја кажам вистината. Зборувам како мајка што го изгуби своето дете и како глас на 62 млади згаснати животи“, изјави Минова пред судот.

Драгана, ученичка во втора година медицинско училиште во Штип, сонувала да стане педијатар. Во саботата, на 15 март, побарала дозвола да оди на концерт на групата ДНК во дискотеката „Пулс“. Мајка ѝ ја однела до дискотеката нешто по полноќ, забележувајќи голема гужва и присуство на многу малолетници. Пред да излезе од автомобилот, Драгана ја прегрнала мајка си за последен пат.

Околу 2:11 часот, Драгана ѝ испратила порака и кратко видео, уверувајќи ја дека е добро и дека нема причина за грижа. Подоцна, по полициска рација, нејзиниот малолетен брат бил избркан надвор од дискотеката, а набрзо избувнал пожарот.

„Кога стигнавме пред дискотеката, затекнавме хаос. Имаше деца на земја, некои без знаци на живот, други бараа помош. Ја барав ќерка ми, ѝ ѕвонев, но не одговараше“, сведочеше Ирена Минова.

Таа посочи дека помошта била минимална, дека немало организирана евакуација и дека многу деца останале заробени внатре. Опиша и обид на родители сами да влезат во објектот за да ги спасат своите деца.

Драгана била пронајдена без знаци на живот. Иако била однесена во Брзата помош, лекарите можеле само да ја констатираат смртта.

„Нашите деца не починаа од природна смрт – беа задушени. Имаа право на живот, на соништа, на иднина. Бројот 63 не е статистика, тоа се човечки животи“, рече мајката со солзи.

На крајот од сведочењето, Ирена Минова порача дека не бара сожалување, туку одговорност.

„Вашите потписи на документите ја напишаа судбината на нашите деца“, истакна таа.

Денешното судско рочиште беше обележано со исклучително тензична и емотивна атмосфера. Мајката на една од жртвите, Габриела Наунова, директно им се обрати на обвинетите, јавно нарекувајќи ги „убијци на нашите деца“, по што следуваше силен аплауз од присутните родители во судницата.

Бурна атмосфера и вербални конфронтации ја одбележаа завршницата на денешното рочиште при сведочењето на Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица.

По нејзиното емотивно сведочење, дојде до викотници и навреди меѓу дел од обвинетите и родителите на жртвите. Судијката Диана Груевска Илиевска ги предупреди присутните дека, доколку продолжи нарушувањето на редот, судењето ќе се одржува без публика. Судското обезбедување интервенираше, а дел од родителите ја напуштија судницата видно вознемирени.

Во своето сведочење, Габриела Наунова детално го опиша последниот ден од животот на нејзината ќерка. Таа раскажа дека Надица претходната вечер била на роденден и дека првично се договориле следниот ден да не излегува. Но, по инсистирање од другарките и поради тоа што таму требало да биде и момчето што ѝ се допаѓало, мајката ја пуштила.

Тоа беше последен пат кога се чувме. Ми рече дека е во „Булевар“. Подоцна, околу 2:40 часот, ми се јавија и ми рекоа дека диското гори“ – сведочеше Наунова.

Таа опиша сцени на паника пред дискотеката, деца кои барале воздух и црн чад што излегувал од објектот. Раскажа дека се обидувала да влезе внатре, дека кршела ѕид за да помогне, и дека изнела едно девојче во животна опасност.

Второто девојче што ми го подадоа беше мојата ќерка“ – рече таа, додавајќи дека во прв момент мислела дека Надица е само онесвестена.

Наунова изјави дека не видела пожарникари кои активно спасуваат деца, ниту полицајци кои помагаат.

Полицајците стоеја со скрстени раце. Не ми помогнаа ни да го качам детето во возило“ – рече таа.

Таа наведе дека обезбедувањето на дискотеката било познато на сите во Кочани, но без јасни обележја, и дека никогаш не се сомневала дека „Пулс“ работи нелегално, особено поради присуството на инспектори и јавни функционери во објектот. Изнесе сериозни обвинувања за наводна спрега меѓу локалните власти и сопствениците на дискотеката. Таа посочи дека објектот, иако работел нелегално, бил често посетуван од инспектори, полициски службеници, па дури и од самиот градоначалник, што кај граѓаните создавало чувство дека станува збор за безбедно и легално место.

„Постојат докази дека градоначалникот бил редовен гостин. Кога ги гледавме институциите внатре, никогаш не ни помисливме дека дискотеката работи спротивно на законот“, изјави Наунова, обвинувајќи ги надлежните за лицемерие, институционален молк и прикривање на одговорноста.

По нејзината изјава дека обвинетите „во очите на родителите секогаш ќе бидат убијци на нивните деца“, дел од присутните родители аплаудираа, по што следуваа остри реакции од обвинетите.

Еден од обвинетите, градежниот инспектор Огнен Георгиев, ѝ се обрати на мајката со зборови кои дополнително ја вжештија атмосферата, по што следуваа навреди, закани и викање од публиката. Судот нареди отстранување на неколку лица од судницата.

Следното рочиште е закажано за 14 јануари 2026 година, кога се очекува да сведочат уште пет лица.

CATEGORIES
TAGS
Share This