СЕДНИЦА НА СОБРАНИЕТО НА РМ Новиот Закон за Судскиот совет на дневен ред

СЕДНИЦА НА СОБРАНИЕТО НА РМ Новиот Закон за Судскиот совет на дневен ред

Собранието денеска ќе продолжи со расправа по дополнетиот Предлог-закон за Судскиот совет, кој се наоѓа на дневен ред во второ читање. Со предложените измени се настојува да се надминат воочените недостатоци во постојната законска регулатива и да се создадат услови за поефикасно, поотворено и поодговорно функционирање на Судскиот совет.

Меѓу клучните решенија што ги предвидува законот се обезбедување јавност во постапката за разрешување на претседателот на Судскиот совет, попрецизно дефинирање на критериумите за избор на „истакнат правник“, како и воведување јавна расправа при изборот на кандидатите за членови кои не доаѓаат од редот на судиите, со цел зголемување на транспарентноста и отчетноста.

Предлог-законот, исто така, предвидува зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членовите на Советот од судскиот ред, јасно уредување на постапките за дисциплинска одговорност на судиите, како и на членовите на Судскиот совет.

Дополнително, се воведува обврска Судскиот совет детално да ги образложува и индивидуализира одлуките поврзани со изборот и одговорноста на судиите, да се утврдат прецизни рокови за постапување во дисциплинските постапки, како и да се доуреди постапката и основите за поднесување жалба против одлуките на Советот. Предвидени се и други решенија насочени кон унапредување на правната рамка, во согласност со препораките на Европската Унија.

На 79. седница на Собранието, во второ читање ќе се разгледува и Предлог-законот за дополнување на Законот за јавните патишта, а не е исклучена можноста пратениците да се изјаснат и по други законски решенија.

CATEGORIES
Share This