ЗНАМ СО ДЕМАНТ ДО СДСМ: Петровски е наш, ама тендерот од милион евра си е по закон
Движењето ЗНАМ нагласува дека секој има право на свој бизнис и учество во јавни конкурси.

Во врска со денешната прес-конференција на СДСМ и во контекст на тендерската постапка за хигиеничарски услуги во ЈП „Македонски пошти во висина од 1,2 милиони евра кој го доби кадар на ЗНМА од Движењето ЗНАМ за наша Македонија стигна реакција во која велат дека нема никакво партиско или политичко влијание во оваа или во било која друга слична постапка.
Иако господинот Сашо Петровски беше носител на советничката листа за Општина Кисела Вода, тој не обавува никаква партиска функција. Тој е приватен стопанственик со долгогодишно искуство во бизнисот за одржување на хигиеничарски услуги, како во приватниот сектор, така и во државни институции, со солидно професионално портфолио.
Во врска со конкретниот случај, Движењето ЗНАМ не сака да навлегува во материјалната дискусија, но потенцира дека доколку надлежните органи утврдат каков било конфликт на интерес, прекршување на постапката или на законите, треба да постапат согласно законската регулатива.
Во спротивно, секој има демократско право да води сопствен бизнис и да учествува на јавни конкурси. Движењето ЗНАМ се оградува од било каква инволвираност во ваквите случаи.


