СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА Сообраќајот се одвива непречено, коловозите претежно суви

Сообраќајот на државните патишта во земјава утрово се одвива непречено и по претежно суви коловози, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) во дневниот билтен од 28 декември, во 06:00 часот.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потсетува дека од 15 ноември 2025 година е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталните временски услови, и ќе трае до 15 март 2026 година.
Возачите се повикуваат на внимателно управување со возилата, прилагодување на брзината и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои зголемен ризик од појава на одрони. Како критични се издвојуваат делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила во периодот од 21 ноември 2025 до 31 март 2026 година, поради сезонски режим на сообраќај.
Воедно, поради тековни градежни активности, на неколку патни правци е воведен изменет режим на сообраќај, меѓу кои се скопската обиколница (А2), експресниот пат Крива Паланка – Страцин, регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, делницата Гостивар – Стража, како и патниот правец Прилеп – Битола, каде движењето е пренасочено по регионален пат.


