ПОЧИНА ПРОФЕСОРОТ И ФИЛОЗОФ КИРИЛ ТЕМКОВ – Поборник за Етика во училиштата

Темков беше автор на бројни книги, учебници и научни дела од филозофија, етика и естетика

ПОЧИНА ПРОФЕСОРОТ И ФИЛОЗОФ КИРИЛ ТЕМКОВ – Поборник за Етика во училиштата
Фото: Принтскрин

Во Скопје почина професорот по филозофија, етика и естетика, Кирил Темков, на 82-годишна возраст. Погребот ќе се одржи денес на Градските гробишта во Бутел.

Темков беше врвен филозоф и етичар со светско реноме, автор на голем број книги, учебници и научни дела од областа на филозофијата, етиката, менаџерството, уметноста, естетиката и џез музиката. Тој беше силен поборник за воведување на предметот Етика во училиштата, а според неговите учебници се изведува наставата по овој предмет во основните и средните училишта во Македонија.

На македонски јазик ги има преведено делата на најзначајните светски филозофи и етичари, а со својата креативна и образовна активност предавал и на бројни светски универзитети.

Роден е во Кавадарци во 1943 година, во занаетчиско семејство. Учел во Белград и Скопје, дипломирал во 1968 година и докторирал филозофија во 1982 година на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Беше асистент, предавач, вонреден и редовен професор по Етика, Естетика, Филозофија на менаџерството, Филозофија на политиката, Еколошка етика, Биоетика, Менаџерска етика, Педагошка етика и Филозофија на образованието при Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Заедно со колегата Георги Старделов, беше основач на Естетичката лабораторија при факултетот.

За својот придонес добил бројни признанија, меѓу кои Наградата на Град Кавадарци, орденот „Академски палми“ од Република Франција и Меѓународната награда „Гоцева мисла“.

Автор е на бројни статии од областа на филозофијата, етиката, естетиката особено за уметничка фотографија, ликовна и драмска уметност, џез и културологија како и на книги како: „Основите на еден нов Универзитет“ (1975), „Панорама на естетичките идеи од втората половина на 20-тиот век“ (1981) и „Отворен Универзитет“ (1993).

Исто така, ги превел следниве книги на македонски: „Прагматизам“ од Вилијам Џејмс, „Критика на практичниот ум“ од Имануел Кант, „Научна расправа за методот“ од Рене Декарт, „За слободата“ од Џон Стјуарт Мил, како и дела од Павао Вук-Павловиќ, Душан Недељковиќ, Лука Прошиќ и Миленко Пејовиќ.

CATEGORIES
Share This