СПОР ОКОЛУ НОВИОТ ЗАКОН ЗА ИЗВРШУВАЊЕ – КСОМ обвинува, Министерството демантира
Според КСОМ, граѓаните се најголемите жртви на системот на извршување, додека институциите молчат

На денешната прес конференција претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации Марјан Ристески обвини дека Министерството за правда задкулисно и без вклучување на јавноста и граѓанските организации подготвува измени во Законот за извршување. Ристески обвини дека во изготвувањето на законот се вклучени банкареи, нотари, извршители но не и претставници од КСОМ.
Покасно стигна демант од министерството за правда со кое ги отфрлаат обвинувањата и тврдат дека процесот на изработка на новиот Предлог-закон за извршување се одвива транспарентно.
„Апсолутно се неосновани тврдењата дека Предлог-законот за извршување се носи зад затворени врати. Сите закони во Министерството за правда се подготвуваат преку јавен и транспарентен процес, со навремено информирање за нивниот статус“ велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека за законот е формирана мултисекторска работна група и дека процесот на изработка на текстот е во завршна фаза. По неговото финализирање, Предлог-законот ќе биде објавен на платформата ЕНЕР, каде што јавноста ќе може да доставува коментари, предлози и сугестии.


