МНР ПОТВРДИ Македонија ја одби бугарската помош за мазут
Од МНР велат дека состојбата со снабдувањето е стабилна и оти засега нема потреба од дополнителна поддршка

Македонското Министерство за надворешни работи попладнево ја потврди информацијата од Софија дека министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев, оствариле телефонски разговор поврзан со проблемите со снабдувањето со мазут во земјава, при што била одбиена понудата за помош од бугарска страна.
„Утрово беше реализиран телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев. Министерот Муцунски се заблагодари за понудената поддршка и истакна дека во моментов нема потреба од дополнителна помош, бидејќи состојбата е стабилна“, соопштија од МНР.
Во разговорот, Муцунски нагласил дека Северна Македонија останува подготвена да ѝ помогне на Бугарија доколку таму се појави потреба од ваков или сличен вид поддршка.
Понудата за помош од Бугарија доаѓа еден ден по одлуката на македонската Влада да прогласи кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, во времетраење од седум дена.


