ДЕВИЗНИОТ КУРС СТАБИЛЕН, ИНФЛАЦИЈАТА ГОДИНАВА ОКОЛУ 4% Внимателноста останува клучна

Девизниот курс на денарот останува стабилен, а во моментов нема промени во монетарната политика, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, сумирајќи ја економската 2025 година. Сепак, тој нагласи дека и понатаму е потребна внимателност, особено во делот на стабилизирањето на инфлацијата.
Според проценките на Народната банка, 2025 година ќе заврши со инфлација од околу 4 отсто. Намалување на ценовните притисоци се очекува во текот на следната година, но идното евентуално релаксирање на монетарната политика ќе зависи пред сè од домашните фактори. Како што посочи Славески, клучно ќе биде дали ќе има административно зголемување на платите и пензиите, што може да создаде дополнителни инфлаторни притисоци.
На крајот на ноември, девизните резерви на земјава изнесуваат над 4,8 милијарди евра и, според оценките на Народната банка, се на соодветно ниво за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута.
Во однос на јавните финансии, официјалните податоци покажуваат дека депозитите на државата на годишно ниво се намалени за околу 40 отсто. Сепак, гувернерот во интервју за ТВ 24 истакна дека ова намалување е резултат на тековните трансакции на државата и не претставува сигнал за проблеми со ликвидноста на јавните финансии.
Иако кредитирањето и штедењето продолжуваат да растат, анализите на Народната банка укажуваат дека годишните стапки на раст забавуваат. Во ноември, вкупната депозитна база во банките ја надмина границата од 10 милијарди евра, додека вкупниот кредитен долг на граѓаните и фирмите достигна 8,8 милијарди евра.
Според Славески, ваквите показатели упатуваат на стабилен, но внимателно балансиран финансиски систем, при што монетарната политика и понатаму ќе се води претпазливо, со цел зачувување на макроекономската стабилност.


