НАМАЛЕНА ВИДЛИВОСТ ПОРАДИ МАГЛА НА СТРАЖА И ПЛЕТВАР АМСМ апелира за внимателно возење

Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) информира дека утрово поради појава на магла е намалена видливоста на повеќе патни правци во државата. На планинските премини Стража и Плетвар видливоста е намалена до 50 метри, додека во Крушево изнесува околу 70 метри.
Иако сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, коловозите се претежно влажни, поради што од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на движење на условите на патот и строго да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација.
Воедно, од АМСМ потсетуваат дека од 15 ноември 2025 година е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без разлика на моменталните временски услови. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2026 година.
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.


