КРАЈ НА ИМПРОВИЗАЦИИТЕ – Македонска пошта засилена со 100 возила од Владата
90 помали и 10 големи комби возила ќе бидат донирани идниот месец, со цел подобрување на испораката и условите за работа низ државата.

„Македонска пошта“ идниот месец ќе добие 100 возила како донација од Владата, што значително ќе ги подобри условите за работа и испорака на поштенските услуги низ целата држава.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на 24-тиот јавен состанок на Агенцијата за пошти, информираше дека 90 од возилата ќе бидат помали комбиња, а 10 големи товарни комби возила, со цел зголемување на оперативната ефикасност на државната компанија.
Тој нагласи дека Владата има јасна обврска и стратешка цел за заштита и развој на државниот капитал. Во таа насока, веќе се водат консултации со сите чинители на поштенскиот пазар и се подготвуваат законски измени, насочени кон подобрување на условите за работа во „Македонска пошта“ и подигнување на квалитетот на услугите за граѓаните.
„Лесно е да се земе профитабилниот дел од пазарот, а „Македонска пошта“ да ја носи целата општествена одговорност и да доставува пратки и таму каде што никој друг не сака. Оваа состојба не може да продолжи. Или сите ќе го носат товарот подеднакво, или ќе носиме други одлуки. Моја цел е „Пошта“ да се издигне, а не да пропадне“ – порача Николоски.
Тој истакна дека Агенцијата за пошти има клучна улога во регулирањето на пазарот, обезбедувањето квалитетни услуги, заштитата на конкуренцијата и правата на корисниците.
„На пазарот моментално работат 29 правни субјекти, што укажува на високо ниво на конкуренција. Законската рамка е усогласена со сите директиви на Европската Унија, но тоа понекогаш создава предизвици, особено за Влада која има јасна определба да го штити и унапредува државниот капитал“ – додаде тој.
На крајот, Николоски најави мерки за зголемување на ефикасноста преку намалување на трошоците до 15 проценти и подобрување на индикаторите за профитабилност за ист процент.


