НОВО РАКОВДСТВО ВО ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО -Тополова-Исајловска нова в.д. државна обвинителка
Ќе ја извршува функцијата најмногу шест месеци, до избор на нов државен обвинител

Советот на јавни обвинители на денешната седница едногласно ја именуваше Анита Тополова-Исајловска за вршителка на должноста државна јавна обвинителка на Република Северна Македонија.
Таа доаѓа на функцијата на местото на Љупчо Коцевски, кој на 17 декември поднесе неотповиклива оставка, а Собранието истиот ден го констатираше престанокот на неговиот мандат. Иако изборот првично беше закажан за 19 декември, седницата беше одложена за денеска за да може одлуката да се донесе во полн состав на Советот.
Членката на Советот, Кети Петкова, истакна дека изборот на Тополова-Исајловска претставува професионално и принципиелно решение. Таа потсети дека Тополова-Исајловска веќе десет години континуирано ја извршува функцијата заменичка-републички јавен обвинител и соработувала со досегашниот државен обвинител Љупчо Коцевски, како и со неговите претходници Љубомир Јовески и Марко Зврлевски. Според Советот, нејзиното искуство и длабоко познавање на работата ќе обезбедат неопходен институционален континуитет.
Согласно законските одредби, Тополова-Исајловска ќе ја извршува функцијата до изборот на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци. Коцевски својата оставка ја образложи со тврдењето дека во државата постои очигледно непочитување на принципите на правната држава.
Следниот чекор во постапката е Собранието да распише јавен оглас за избор на нов државен јавен обвинител. Право на пријава ќе имаат кандидати со најмалку десет години работен стаж во областа на кривичното право, по што Владата ќе побара мислење од Советот на јавни обвинители за пријавените кандидати.
Како републичка јавна обвинителка, Тополова-Исајловска во август минатата година поднела Барање за заштита на законитоста до Врховниот суд, со кое побарала укинување на решението за одобрување на обвинението во предметот „Талир“, што се однесува на наводно нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ од страна на поранешното Специјално јавно обвинителство.
Во барањето се наведува дека СЈО немало овластување да го поднесе обвинението, бидејќи тоа било поднесено во ноември 2018 година, по истекот на законскиот рок од 18 месеци, кој завршил на 30 јуни 2017 година. Тополова-Исајловска се повикува на начелниот став на Врховниот суд од 2019 година, според кој СЈО можело да подигнува обвиненија или да запира истражни постапки исклучиво во наведениот рок. Дополнително, таа побарала 106 аудиоснимки и СМС-пораки да не се користат како докази во предметот.


