ТРЕЗОРОТ РАБОТИ РЕДОВНО Исплатите ќе продолжат до крајот на годината
Информациите за затворање на Трезорот или можен финансиски застој не одговараат на реалноста.

Од министерството за финансии истакнуваат дека Трезорот, како дел од самото министерство, функционира нормално и редовно ги врши сите исплати, како што тоа ќе продолжи да го прави до 31 декември 2025 година. Нагласуваат дека сите обврски на државата ќе се реализираат во целост, а целта е приходите и расходите во Буџетот да се исполнат согласно планираното, вклучувајќи го и планираниот буџетски дефицит.
Исплатите се вршат непречено, редовно се исплаќаат плати, социјални надоместоци, К-15, блок-дотации кон општините и други тековни трошоци. Секоја обврска која ќе биде евидентирана и прифатена за плаќање ќе може да се реализира заклучно со 31 декември.
Информацијата што деновиве Министерството ја достави до буџетските корисници за доставување на налозите до 15 декември имала исклучиво организациски карактер. Целта била навремено да се испланираат сите расходни ставки и да се обезбедат потребните информации за фискалните параметри до крајот на годината. Информациите за затворање на Трезорот или можен финансиски застој не одговараат на реалноста.
Додаваат дека даночниот календар е познат и дека се очекуваат дополнителни приливи до крајот на месецот од данок на добивка, ДДВ, како и од социјалните придонеси. Со оглед на тоа што многу компании во овој период исплаќаат бонуси и регреси за вработените, очекувањата се дека планираните приходи ќе бидат остварени.


