АЛАРМАНТНО ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ Неколку градови во Македонија со зголемени ПМ2,5 честички

АЛАРМАНТНО ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ Неколку градови во Македонија со зголемени ПМ2,5 честички

Како и во изминатите денови, квалитетот на воздухот во повеќе македонски градови синоќа достигна алармантни нивоа, кои според меѓународните стандарди се оценуваат како „екстремно нездрави“ и „опасни“.

Околу 20 часот, највисоки вредности на индексот за квалитет на воздух (AQI) беа измерени во Кавадарци – 352, Струмица – 339 и Тетово – 338, што укажува на сериозно аерозагадување.

Особено загрижувачки се концентрациите на ПМ2,5 честичките, кои на одредени мерни места биле и до 20 пати повисоки од дозволените граници. Според Светската здравствена организација, ваквото ниво на загадување претставува сериозен ризик по здравјето и може да предизвика проблеми дури и кај целосно здрави лица.

Најранливи се хронично болните, повозрасните лица, децата и луѓето со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, на кои им се препорачува да избегнуваат излегување на отворено и да останат во затворен простор.

Институциите и здравствените експерти апелираат граѓаните да ги следат препораките, да го ограничат движењето на отворено и да користат заштитни мерки сè додека состојбата со загадувањето не се подобри.

CATEGORIES
Share This