НА ПРАГОТ НА РЕШЕНИЕ ЗА УКРАИНСКАТА КРИЗА Рјабков најавува подготвеност за договор

Територијалните црвени линии се познати и Русија нема да прави отстапки за Донбас, Новоросија и Крим

НА ПРАГОТ НА РЕШЕНИЕ ЗА УКРАИНСКАТА КРИЗА Рјабков најавува подготвеност за договор
Фото: Принтскрин

Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, изјави за ABC News дека е „на прагот на решение“ за украинската криза и дека Москва е подготвена да вложи напори за надминување на разликите во пристапите за решавање на конфликтот.

„Целосно сме убедени дека сме на прагот на решение за оваа ужасна криза“ – нагласи Рјабков, додавајќи дека Русија е подготвена за договор, „да ги употребиме зборовите на американскиот претседател Доналд Трамп“.

Рјабков повтори дека руската специјална воена операција била неизбежна поради развојот на околностите во „крајно погрешна насока“. Тој истакна дека Русија никогаш нема да даде согласност за распоредување на сили на НАТО во Украина и нема да прави отстапки за Донбас, Новоросија и Крим.

„По референдумите од 2022 година, ДНР, ЛНР и регионите Запорожје и Херсон станаа неотуѓив дел од Русија. Компромис по ова прашање би значел загрозување на основните елементи на руската државност, загарантирани со уставот“ – потенцира Рјабков.

Сепак, тој додаде дека Русија ги поздравува напорите на администрацијата на американскиот претседател за надминување на конфликтот и е подготвена за постигнување мирно решение.

„Колку подолго чекаме, толку посложено станува решението. Бевме блиску до решавање на сè во 2022 година, но сега ситуацијата е покомплицирана. Сепак, тоа само значи дека мора да ги удвоиме напорите за надминување на разликите“ – заклучи Рјабков.

На 15 декември во Берлин се одржаа двочасовни преговори меѓу украинската и американската делегација за планот од 20 точки предложен од Белата куќа. Белата куќа оцени дека состанокот бил продуктивен, а секретарот на Советот за национална безбедност на Украина, Рустем Умеров, изјави дека е постигнат „сериозен напредок“.

Претходно, на почетокот на декември, рускиот претседател Владимир Путин ги прими американскиот специјален претставник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Џаред Кушнер во Кремљ, каде што се разговарало за суштината на американската мировна иницијатива. Вашингтон предложил да се разгледуваат 27-те точки од оригиналниот план во четири пакети, но Москва се согласила само со дел од нив.

Од друга страна, украинскиот претседател Владимир Зеленски минатиот понеделник отпатува во Обединетото Кралство за да разговара за американскиот предлог со европските лидери, но повторно одби да направи отстапки за територијалните прашања.

На 12 декември, Доналд Трамп изрази уверување дека Киев не го поддржува предложениот мировен план.

CATEGORIES
Share This