РЕВИЗИЈАТА ОТКРИ СЕРИОЗНИ ПРОПУСТИ ВО ДРЖАВНАТА ЛОТАРИЈА Сомнителни трансакции и нереални уплати во онлајн системот

Констатирани се нереални и нелогични трансакции во износ од 2.000.000 евра.

РЕВИЗИЈАТА ОТКРИ СЕРИОЗНИ ПРОПУСТИ ВО ДРЖАВНАТА ЛОТАРИЈА Сомнителни трансакции и нереални уплати во онлајн системот
Фото: Принтскрин

Државниот завод за ревизија (ДЗР) ја изврши ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на Акционерското друштво за приредување игри на среќа – Државна лотарија на Република Северна Македонија за 2024 година.

Со ревизијата, ДЗР се воздржа од изразување мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, додека за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики беше изразено неповолно мислење.

Најважни констатации од ревизијата се следните:

Во однос на дневниот промет, вкупниот остварен дневен промет на 10 сопствени продажни места изнесува приближно 750.000 евра. Сепак, прометот не бил редовно уплаќан на сметките на Друштвото, како што законски е пропишано (до следниот ден). Во 2024 година, дневниот промет бил уплатен само два пати (во април и на крајот на годината), а средствата не потекнувале директно од прометот, туку од трансфери помеѓу сметки. Друштвото нема пополнето работни места за благајник и шеф на сметководство, па овие трансакции ги врши директорот на Секторот за финансии и сметководство.

Во одос на исплатата на аванси, директорот директно исплатил аванси за мали добивки на околу 320 соработници, во вкупен износ од 13.971.000 денари, без пропишан начин на исплата.

Кај трговски книги и онлајн систем, констатирани се нереални и нелогични трансакции во износ од 2.000.000 евра во централниот on-line систем, што создава сомнеж за злоупотреба.

Кај инстант лотарија, неисплатениот фонд на добивки изнесува 63.294.000 денари, што ја доведува во прашање исплатата на идните добивки. За 3 инстанти со добивки во предмети (станови, автомобили, електрични скутери) не е воспоставена сметководствена евиденција, а набавките се вршеле 2-15 месеци пред одобрение од Министерството за финансии, без евидентирани трошоци (по околу 600.000 евра за 2023 и 2024 година).

Во однос на рекламирањето и медиумски услуги, трошоците за реклама се зголемиле од 380.000 евра во 2020 година на 3.582.811 евра во 2024 година. За медиумски услуги биле исплатени околу 1.200.000 евра без поткрепувачка документација. Се исплатиле и средства за продукција на забавни емисии, но ревизорите не можеле да утврдат дали емисиите биле продуктивно изведени или прикажани.

Кај набавки на опрема, компјутери, телевизори, агрегати, клими и системи за надзор биле набавувани со несоодветна документација за квалитет и квантитет. Некои од набавените предмети недостасуваат, а дел не ги исполнуваат критериумите за предвидената намена.

CATEGORIES
TAGS
Share This