33. МАРШ ЗА АНГЕЛИТЕ Барање одговор за пробиениот рок

Родителите бараат објаснување за доцнењето и мерките против осомничените полициски службеници

33. МАРШ ЗА АНГЕЛИТЕ Барање одговор за пробиениот рок
Фото: Принтскрин

Родителите и роднините на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска, на 33. по ред „Марш за ангелите“, јавно и директно му се обратија на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, барајќи одговор зошто е пробиен рокот за поднесување обвинение против полициските службеници опфатени со истрагата за трагедијата.

Тие посочија дека, водејќи се од начелата на владеење на правото, законитост и еднаквост пред законот, покажале трпение и одговорност и во период од шест месеци (три плус три) не побарале информации за текот и статусот на обвинителниот акт.

„Рокот што беше јавно и институционално најавен, со краен датум 12 декември 2025 година, е пробиен без никакво образложение, без официјално известување и без видливи процесни дејствија“ – изјави пред Основниот суд и Обвинителството во Кочани Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов.

Родителите и семејствата на жртвите сметаат дека ваквото отсуство на навремена реакција и транспарентност сериозно ја нарушува правната сигурност, ја поткопува довербата во институциите и создава впечаток за институционална толеранција кон можни незаконски дејствија на службени лица.

„Бараме јасен одговор за статусот на обвинителниот акт, причините за пробивање на рокот утврден до 12.12.2025 година, како и за мерките што се преземени или ќе се преземат против осомничените службеници на МВР. Нашето трпение не е неограничено. Доколку изостане итен и јасен одговор, ќе бидеме принудени да ги искористиме сите законски и јавни механизми за заштита на правдата и јавниот интерес. Молкот и одолговлекувањето повеќе не се прифатливи“ – нагласи Блажева.

Денешниот, 33. протестен марш, се одвиваше по веќе утврдената маршрута: „Парк на Револуцијата“, Трговскиот центар, зградата на УЈП, Полициската станица, Основниот суд и Обвинителството, по што повторно заврши во „Паркот на Револуцијата“.

CATEGORIES
TAGS
Share This