ЕУ НА НЕОДРЕДЕНО ВРЕМЕ ГИ ЗАМРЗНУВА РУСКИТЕ СРЕДСТВА Москва најавува правна битка

Европската унија постигна договор на неопределено време да ги задржи замрзнати руските суверени средства што се наоѓаат во земјите членки, во услови на зголемени закани од Москва и правни чекори против финансиските институции кои ги чуваат тие пари. Одлуката се смета за клучен потег во напорите на Брисел да обезбеди финансиска поддршка за Украина во војната со Русија.
Станува збор за околу 210 милијарди евра средства на руската централна банка, кои беа блокирани по почетокот на целосната руска инвазија врз Украина. Наместо досегашната практика санкциите да се продолжуваат на секои шест месеци, лидерите на ЕУ решија да ја отстранат можноста за нивно укинување преку политичко вето.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, потврди дека Унијата ќе ги држи средствата имобилизирани сè додека Русија не ја запре војната и не ја надомести штетата нанесена врз Украина. Со тоа, Брисел испраќа порака дека финансискиот притисок ќе продолжи како дел од пошироката стратегија за поддршка на Киев.
Одлуката уследи само неколку часа откако руската централна банка објави дека поднела тужба против „Еуроклиар“, белгискиот централен депозитар за хартии од вредност, каде што се чува најголемиот дел од замрзнатите руски средства. Во тужбата, поднесена пред суд во Москва, се наведува дека активностите на институцијата ѝ нанеле штета на Русија во управувањето со нејзините финансиски резерви.
Во меѓувреме, Европската комисија предложи обезбедување заем од 90 милијарди евра за Украина, гарантиран со приходите од имобилизираните руски средства. Сепак, планот наидува на отпор, особено од Белгија, која стравува од правни последици и можни одмазднички мерки од страна на Москва, вклучително и запленување белгиски имот во Русија.
Белгискиот премиер Барт де Вевер ова прашање го отвори и на средбата со британскиот премиер Кир Стармер во Лондон, каде што двајцата разговарале за идните чекори поврзани со руските средства и финансирањето на Украина. Од кабинетот на Де Вевер соопштија дека двете страни се согласиле да продолжат со тесна координација околу ова, како што го оценија, исклучително чувствително прашање.


