ПРОМЕНА ВО РОКОТ Примената на Сејф Сити одложена за февруари

ПРОМЕНА ВО РОКОТ Примената на Сејф Сити одложена за февруари

Иако првично беше најавено дека системот „Безбеден град“ ќе започне со целосна примена од 1 јануари, Министерството за внатрешни работи одлучи официјалниот старт да го помести за еден месец. Наместо на почетокот на годината, регистрирањето на прекршоците и изрекувањето казни преку камерите ќе започне на 1 февруари 2026 година, потврдуваат од МВР.

Во изминатиот период системот беше во пробна фаза, при што камерите веќе ги детектираат сообраќајните прекршоци, но возачите добиваат само СМС-опомени, без финансиски санкции. Овој тест-период, како што велат од Министерството, служи за техничка проверка и навикнување на граѓаните пред целосното активирање.

Од февруари, „Сејф сити“ ќе функционира во Скопје, Тетово и Куманово, како и на најфреквентните сообраќајници долж Коридорите 8 и 10. Камерите ќе следат повеќе видови прекршоци, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните несреќи.

Паралелно со одложувањето, во МВР се отвора и дебата за можни корекции во примената на системот. Дел од раководството размислува за воведување одредена толеранција при мерењето на брзината, односно да не се санкционираат возачи кои минимално го надминуваат дозволеното ограничување – на пример возење со 52 или 53 километри на час во зони каде лимитот е 50.

Со новоутврдениот рок, институциите добиваат дополнително време за финално усогласување на техничките и правните аспекти на системот, додека возачите имаат уште еден месец за прилагодување пред камерите да почнат да испраќаат реални казни, а не само предупредувања.

CATEGORIES
Share This