ДОБРА ВЕСТ ЗА ТУТУНАРИТЕ На пазарот се бара македонскиот ароматичен тутун
Тутунарите ги склучија договорите со откупувачите кои понудија зголемени цени, но секој различни. Тие наскоро ги очекуваат и субвенциите за ланската реколта.

Незначителни и мали се штетите врз насадите со тутунов расад. Земјоделците кои го започнаа новиот производствен циклус со одгледување на расад, навреме ги заштитија леите од ниските температури, известуваат од Сојузот на земјоделските здруженија, кои будно ја следат состојбата на терен.
“Мали се оштетувањата на тутуновиот расад поради ниските температури. Тоа е поради фактот што нашите тутунопроизводители се добро едуцирани и добро си ги заштитија расадите. Нешто поголеми оштетувања има во реонот на Конче поради надморската височина, но се смета за незначително и нема да влијае врз очекувањата и зголеменото производство на тутун, вели Кире Ристески од Сојузот на земјоделски здруженија.
Нагласи дека за 8 до 10 проценти е зголемен интересот за тутунопроизводство.
Тутунарите ги склучија договорите со откупувачите кои понудија зголемени цени, но секој различни. Тие наскоро ги очекуваат и субвенциите за ланската реколта.
„Според неофицијалните податоци, во моментов се склучени околу 30.000 договори со откупувачите за очекуван принос од 27.000 тони тутун. Тутунот ќе се засади на површина од околу 14.000 хектари. Зголемувањето е околу 8 до 10 проценти. Интересот е поголем поради добрите цени моментално. И ланската реколта се откупи по просечна цена од речиси 400 денари, па со субвенциите кои ги очекуваме за брзо време килограм тутун е 500 денар,” појасни Ристески.
Минатогодишната реколта беше откупена по просечна цена од речиси 400 денари, па со субвенциите кои се очекуваат наскоро, килограм тутун ќе чини 500 денари.
Тој додаде дека тутунопроизводството има светла иднина. Оваа култура носи девизен прилив, а македонскиот ароматичен тутун е високо ценет на светските пазари.
Сојузот на земјоделските здруженија, на покана, учествуваше на конференцијата на Европската асоцијација УНИТАБ, која ги штити интересите на европските тутунопроизводители. Се очекува во октомври, на состанокот во Неапол, Италија, Сојузот да стане членка на оваа европска асоцијација.


