СРБИЈА ОШТЕТЕНА НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО – Жалбата прифатена
Аргентинските судијки влијаеле на конечниот резултат, утврди ИХФ.

Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) ја призна грешката на аргентинските судијки на натпреварот меѓу Србија и Фарски острови. Жалбата поднесена од Ракометниот сојуз на Србија е прифатена.
Во последниот напад на вчерашниот дуел, српската репрезентација беше казнета со пасивен напад, а Јована Јововиќ доби црвен картон поради наводна опструкција на играта.
По деталната анализа и судиската експертиза, утврдено е дека Србија е оштетена, а одлуките на аргентинските судијки влијаеле на конечниот резултат.
„Направена е неправда. Упатуваме апел судењето до крајот на Светското првенство да биде регуларно и судиите да не влијаат на конечниот резултат, особено што се работи за завршницата и борбата за пласман“, изјави генералниот секретар на Ракометниот сојуз на Србија, Иван Миливојевиќ.
За Србија да обезбеди четвртфинале на првенството, утре ѝ е потребен бод во дуелот со Црна Гора.


