ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА Нема нови работници од Македонија во Германија
Квотата од 50.000 дозволи е целосно искористена уште на почетокот на декември

Квотата за германски работни дозволи во рамките на преференцијалната Западнобалканска регулатива за 2025 година е веќе целосно исполнета, па до крајот на годината нема да се одобруваат нови барања.
Според процедурата што беше усвоена во јуни 2024 година, германските работодавци најпрво треба да добијат претходно одобрение од Агенцијата за вработување. Дури потоа работниците од Западен Балкан со кои имаат склучено договор ги поднесуваат документите во конзулатите по забрзана постапка.
Годишниот контингент на дозволи беше зголемен на 50.000, но Агенцијата за вработување соопшти дека уште на почетокот на декември сите дозволи се веќе распределени. Сите дополнителни барања ќе бидат одбиени и нема автоматски да се префрлат за следната година. Работодавците ќе треба да поднесат нови апликации, а тоа можат да го направат уште во декември.
Регулативата се однесува на работници од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.
Иако во јуни квотата беше зголемена, новата германска владејачка коалиција (ЦДУ/ЦСУ и СПД) во договорот предвидува да ја преполови оваа бројка, што предизвика реакции од здруженијата на работодавци.
Особено остро се спротивстави Германското здружение на хотелиери и угостители (DEHOGA), кое истакна дека туристичко-угостителскиот сектор сè уште има силна потреба од мотивирани работници. Според нив, квотата не само што не треба да се намали, туку треба дополнително да се зголеми и да опфати и други земји.
Оттаму додаваат дека стравувањата дека овие работници би го оптовариле германскиот социјален систем се неоправдани, бидејќи регулативата бара валиден договор за работа што гарантира економска сигурност за секој дојден работник.


