СУДИЈКАТА САМА СИ ИЗМИСЛИЛА ЗАБРАНА ЗА ШТРАЈК – Апелација ја врати работата од нула, контролорите може веднаш да штрајкуваат
Судијката ја донела одлуката зад затворени врати, без да ги сослуша контролорите.

Апелациониот суд Скопје ја поништи одлуката со која Граѓанскиот суд им го забрани штрајкот на контролорите на летање во државното претпријатие М-НАВ. Со оваа пресуда, Синдикатот на контролорите може веднаш да го реализира штрајкот кој првично беше закажан за 20 октомври, меѓу двата изборни круга, датум што, според синдикатот, власта по секоја цена сакала да го спречи.
Најголемиот пропуст според Апелација, е што судијката Сашка Трајковска од Граѓанскиот суд донела времена мерка „забрана за штрајк“ без такво барање во самата тужба. Тројца апелациони судии утврдиле дека со тоа е повреден член 2 од Законот за парнична постапка и предметот го вратиле на повторно судење.
Во образложението, Апелациониот суд наведува дека од првостепеното решение не е јасно како судијката заклучила дека тужбата претставува предлог за привремена мерка.
„Првостепениот суд направил сопствена правна оцена за нешто што не било предмет на тужбеното барање“, стои во одлуката.
Штрајкот, најавен за 20 октомври 2025 година – ден по првиот круг од локалните избори произлегува од повеќегодишни неисполнети барања за вработувања, опрема и услови за работа. Спорната тужба на управата на М-НАВ, поднесена од директорите предводени од Владимир Ристески, не барала времена мерка, туку оспорувала легитимитет на Синдикатот, процедурата за помирување и содржината на барањата, и тврдела дека штрајкот би ја загрозил безбедноста во воздушниот сообраќај.
Расправата била закажана за 17 октомври, но судијката ден претходно го откажала рочиштето и сама ја донела одлуката за забрана, само два дена пред изборите. Поради ова, контролорите останале без можност да ги презентираат своите аргументи и документи.
Кон средината на овој месец треба да се одржи повторното рочиште пред Граѓанскиот суд, каде, според упатството од Апелација, судијката ќе мора да ги земе предвид аргументите на Синдикатот.
На 17 октомври, денот кога требаше да се одржи расправата, Синдикатот обелодени повеќе од 40 документи што би ги презентирал пред судот. Претседателот на Самостојниот синдикат на контролорите на летање, Александар Тасевски, тогаш изјави дека дури и не знаел дека М-НАВ поднел тужба, бидејќи не добил никаков повик од судот.
Меѓу документите се доказите дека процедурата за помирување не била прескокната, напротив, контролорите тврдат дека со месеци чекале стариот менаџмент да пристапи кон процесот, а Министерството за труд го пратило помирувачот со речиси двомесечно задоцнување. Дополнително, Синдикатот ја приложил и Спогодбата од 2023 година, чија неисполнета содржина е главна причина за штрајкот: нерешени права од работниот однос, проблеми со третата смена, барање за независна анализа за потребни вработувања и итна набавка на нова опрема, радар и софтвер, наместо работа на системи од 1998 година.
„Новата менаџерска структура целосно ја стопира реализацијата на Спогодбата и се обидува да се прогласи за ненадлежна“, изјави Тасевски.
Тој додаде дека и понатаму има проблеми со основни услови за работа во М-НАВ често нема вода, поради што контролорите се приморани да одат во околните локали. Сите овие прекршувања на Законот за работни односи и на нивните права, вели тој, ќе бидат детално изнесени на повторното рочиште.


