ЗЛАТОТО НА ДРЖАВАТА СЕ ЧУВА ВО ЛОНДОН Славески направи увид во резервите вредни 800 милиони евра
Гувернерот Славески во трезорот на Банката на Англија за директна проверка на резервите

Гувернерот Трајко Славески лично изврши увид во златните резерви на Македонија во Трезорот на Банката на Англија, каде што се чуваат околу 6,9 тони државно злато, проценето на приближно 800 милиони евра.
При официјалната посета на институцијата, Славески и тимот на Народната банка имале ретка можност да влезат во трезорот и да го проверат делот од златото што припаѓа на Република Северна Македонија. Од НБ истакнуваат дека ваквите проверки се редовна процедура со цел да се гарантираат највисоки стандарди на сигурност и транспарентност.
Според податоците на централната банка, златото е сместено во алоцирана форма како означени златни прачки што ги исполнуваат строгите London Good Delivery стандарди (минимум 99,5% чистота и тежина околу 12 килограми по прачка). Одлуката златото да се чува во Банката на Англија е донесена во 2010 година поради високото ниво на безбедност и лесниот пристап до најголемиот светски пазар на злато во Лондон.
По претходно поднесено барање, британската централна банка издвојува примерок од дел од македонските прачки, по што тимот на НБ извршил визуелна проверка и потврдил дека сериските броеви и формата целосно одговараат на стандардите.
Од НБ посочуваат дека, покрај растечката вредност на златото, резервите може да се користат и за дополнителни приходи преку краткорочни депозити и финансиски трансакции со централни и водечки светски банки, кога пазарните услови се поволни.
Трезорот на Банката на Англија е еден од најголемите по количина злато во светот, со повеќе од 400.000 златни прачки што ги чуваат бројни држави и меѓународни институции.
Народната банка нагласува дека и во иднина ќе продолжи со транспарентно и одговорно управување со девизните и златните резерви, во интерес на економската стабилност и развојот на државата.


