МИЦКОСКИ СО МОЌНА ПОРАКА – Се има почеток и крај, третиот мандат последен, честа и достоинството пред личните амбиции

Мицкоски потврди дека нема намера да бара промена на статутот за продолжување на лидерството.

МИЦКОСКИ СО МОЌНА ПОРАКА – Се има почеток и крај, третиот мандат последен, честа и достоинството пред личните амбиции
Фото: Принтскрин

Претседателот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во телевизиско интервју изјави дека нема намера да бара измени во статутот на партијата со кои би можел да остане на лидерската функција по евентуалниот трет мандат. Третиот мандат треба да му биде доделен на редовниот изборен конгрес што ќе се одржи в сабота, на 6 декември, во Кавадарци.

Според статутот на партијата, едно лице може да биде избрано за претседател најмногу три пати. Со оглед дека Мицкоски е единствен кандидат, неговото реизбирање се смета за извесно, а мандатот би му траел до 2029 година.

На прашањето дали би поддржал промени во статутот што би овозможиле продолжување на лидерството и по трет мандат, Мицкоски категорично одговори дека тоа не доаѓа предвид.

„ВМРО-ДПМНЕ за мене е повеќе од партија, имам две деца, а партијата ми е како трето. Ако бидам повторно избран, овој мандат ќе биде мој последен. Додека сум претседател, условот за максимум три мандати нема да се менува. Дури и некој да предложи таква измена, јас нема да ја поддржам. Треба да покажеме дека секоја функција има почеток и крај, а честа, достоинството и образот се најважни. Немам намера да го моделирам статутот по лични потреби“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека подготовките за конгресот се при крај и очекува настанот да биде „празник за партијата“ и почеток на нов период. Посочи дека засега нема информации за појава на друг кандидат.

Осврнувајќи се на своето досегашно раководење, Мицкоски потсети дека ја презел партијата во 2018 година во „многу тешки околности“. Првиот мандат го опиша како фаза на консолидирање и реструктурирање, а вториот како период на убедливи изборни победи што ја вратиле ВМРО–ДПМНЕ на позиција на најсилна политичка партија и актуелен носител на власта.

„Очекувам третиот мандат да биде период на големи реформи и подобар животен стандард“, додаде тој.

Во однос на кадровските промени, лидерот најави дека по конгресот ќе следи внатрепартиско преструктурирање, но не откри детали, нагласувајќи дека одлуките ќе произлезат од Централниот комитет. За можни промени на позицијата генерален секретар, рече дека за тоа „сè уште не размислувал“.

Како премиер, Мицкоски во истото интервју потврди дека Беким Сали и Мухамед Хоџа ќе бидат новите министри во Владата – Хоџа за животна средина и просторно планирање, а Сали за европски прашања и воедно потпретседател на Владата. Нагласи дека засега нема промени во Министерството за здравство и дека актуелниот министер Азир Алиу „прилично пристојно ја извршува својата работа“.

Мицкоски најави дека напролет ќе следи ново кадровско освежување и во Владата и во државните институции.

„По конгресот, а потоа и напролет, очекувам освежувања, прегрупирања и засилувања, за да се формира тим кој ќе го понесе товарот до следните парламентарни избори“, рече премиерот.

CATEGORIES
TAGS
Share This