ХИВ ВО МАКЕДОНИЈА – 38 регистрирани до ноември

Инциденцата во Македонија двојно пониска од европскиот просек, покажува новиот извештај на ИЈЗ.

ХИВ ВО МАКЕДОНИЈА – 38 регистрирани до ноември
Фото: Принтскрин

Заклучно со 27 ноември годинава, во Македонија се регистрирани 38 нови случаи на ХИВ/СИДА, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објавени по повод 1 Декември – Светскиот ден за борба против СИДА. Ова претставува инциденца од 2,1 на 100.000 жители, што е пониско од просекот во ЕУ/ЕЕА за 2024 година (5,3 на 100.000 жители).

Бројот на нови случаи е за 25,5% помал во однос на истиот период лани, кога биле регистрирани 51 лице.

Најмногу нови случаи (15) се регистрирани во Скопје, со инциденца од 2,5/100.000 жители. Останатите случаи се распоредени спорадично во 14 други градови, а еден од новорегистрираните е странец.

Од вкупно 38 случаи, 37 се мажи и едно лице е жена. Просечната возраст е 35 години (во опсег 23-64), а најпогодена е групата од 20 до 39 години (73,7%). Оваа година се евидентирани и осум смртни случаи поврзани со СИДА.

Во однос на начинот на трансмисија, кај пет лица е утврдена хетеросексуална трансмисија, а кај 29 лица преносот е кај популацијата мажи кои имаат секс со мажи (МСМ).

Македонија и понатаму се смета за земја со ниска преваленца на ХИВ. Од 1987 до 2025 година се регистрирани 726 случаи, а 32% од нив се дијагностицирани во последните пет години: 655 (90,2%) од сите регистрирани случаи се мажи и 70 (9,6%) се жени.

Просечната возраст при дијагноза е 34 години. Речиси три четвртини од случаите (73%) се кај лица од 20 до 39 години, додека на младите под 19 години отпаѓаат помалку од 2%.

Вкупно 138 лица починале од 1987 до 2025 година (смртност 18,2%). Благодарение на современиот антиретровирусен третман, стапката на смртност во последната деценија е намалена на 7,4% (33 смртни случаи од 447 регистрирани).

Според трансмисијата, најголем дел од случаите (62,1%) се регистрирани кај мажи кои имаат секс со мажи, а 229 случаи се со хетеросексуален пренос.

Во светот досега се регистрирани околу 44,1 милион смртни случаи од СИДА. На крајот на 2024 година, 40,8 милиони луѓе живееле со ХИВ, од кои 65% се во Африка. Во 2024 година, 630.000 луѓе починале од последици на ХИВ, а 1,3 милиони нови случаи се дијагностицирани.

Иако лек за ХИВ не постои, современата терапија овозможува инфекцијата да стане хронична состојба со долг и квалитетен живот.

По повод Светскиот ден за борба против СИДА, СЗО годинава го одбележува 1 Декември под мотото: „Надминување на нарушувањата, трансформирање на одговорот кон СИДА“,
повикувајќи на континуирано политичко водење, меѓународна соработка и пристап заснован на човекови права со цел ставање крај на епидемијата до 2030 година.

CATEGORIES
Share This