ВОДАТА Е БЕЗБЕДНА – Норовирус и бактерии пронајдени во ОУ „Димо Хаџи Димов“
Од седум примероци од деца со симптоми, шест биле позитивни на норовирус

Во средата, поголем број ученици од прво до петто одделение пријавиле стомачни болки. Според ИЈЗ, анализите на мострите од храна и површини во училиштето покажале присуство на фекални бактерии Enterobacteriaceae во мусаката и на неколку површини во кујната, што укажува на нехигиена. Од седум примероци биолошки материјал од деца со симптоми, шест биле позитивни на норовирус (Norovirus).
ИЈЗ информира дека приправни и дежурни екипи продолжуваат да ги анализираат мострите и биолошките материјали за да се справат со ситуацијата брзо и ефикасно. За дополнителните мостри од другите девет училишта, резултатите ќе бидат објавени во понеделник.
Претходно, во три чешми во училиштето е пронајдена фекална бактерија – две во училниците и една во кујната. Иста бактерија е пронајдена и во мусаката од кујната. Кај една од вработените во кујната е откриена стафилокока, а кај едно дете е потврден норовирус. Норовирусот се пренесува преку вода или храна заразена со фекалии и може долго да преживее на работни површини. Сомнежите се дека овие извори можеби предизвикале наглите симптоми кај учениците. Другата испитана храна – млеко, мусли, кроасан и водата биле безбедни.
Целосните физичко-хемиски и микробиолошки анализи на водата земена од училиштето покажаа дека сите параметри се во рамките на референтните вредности, а тешки метали не се пронајдени.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, истакна дека и покрај овие наоди, сè уште не може целосно да се утврди причинителот на стомачните тегоби.
Досега се регистрирани 29 случаи кај деца и една наставничка. Пет деца биле сместени во Детската клиника, а вчера биле донесени уште две. Сите деца се во добра здравствена состојба и стабилни.

