29 НОЕМВРИ – ДЕНОТ НА РЕПУБЛИКАТА Празникот што обединуваше „од Вардара па до Триглава“

Македонија како рамноправен фактор во југословенската федерација

29 НОЕМВРИ – ДЕНОТ НА РЕПУБЛИКАТА Празникот што обединуваше „од Вардара па до Триглава“
Фото: Принтскрин

Денешниот датум, 29 ноември, со децении беше еден од најголемите празници во поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија познат како Ден на Републиката и празник што се славеше „од Вардара па до Триглава“.

Овој ден беше еден од петте национални празници во СФРЈ и се одбележуваше во спомен на Второто заседание на АВНОЈ, одржано на 29 ноември 1943 година во Јајце, кога АВНОЈ се конституираше како законодавен и извршен претставнички орган на новата југословенска држава. По завршувањето на Втората светска војна, од 1945 година па натаму, 29 ноември се славеше како Ден на Републиката низ целата федерација. Во главните градови на републиките се организираа свечени академии, а паралелно се одржуваа бројни културни и спортски настани.

Решенијата на АВНОЈ имаа значајна улога и за македонскиот народ. Во новоформираната федерација, АВНОЈ го призна македонскиот народ и македонската држава како рамноправни конститутивни елементи, а македонскиот јазик беше прогласен за рамноправен со српскохрватскиот и словенечкиот на територијата на цела Југославија. Со тоа правно и политички беа потврдени стремежите на македонскиот народ за сопствена државност.

Интересно е дека анти-македонските толкувања, кои тврдат дека поради неприсуството на македонски претставници АВНОЈ немал легитимитет за Македонија, се дел од пропагандни наративи кои го негираат македонскиот национален идентитет. Тие ставови се во директна спротивност со историските факти, бидејќи решенијата на АВНОЈ за Македонија биле антиципирани и поддржани преку Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ од октомври 1943 година, а потоа и категорично потврдени на Првото заседание на АСНОМ.

На Второто заседание на АВНОЈ присуствуваа 142 делегати, а седницата ја водеше д-р Иван Рибар, поранешен претседател на Собранието на Кралството на СХС. АВНОЈ тогаш беше прогласен за највисоко законодавно и извршно тело, а Националниот комитет за ослободување на Југославија (НКОЈ) стана највисок извршен орган на новата народна власт.

Со донесените одлуки, монархистичкиот систем беше поништен, а кралот Петар II Караѓорѓевиќ и старата власт беа протерани од земјата. Словенечките и хрватските делегати настапуваа како претставници на одделни држави, а Словенија изнесе посебни барања за границите и јазичните прашања.

На предлог на словенечката делегација, Јосип Броз Тито ја доби титулата „Маршал на Југославија“.

Така беше официјализирана новата државна конструкција уште за време на војната, која подоцна ќе се развие во СФРЈ – втората од трите југословенски држави што постоеле во 20. век.

Од 1945 година, Денот на Републиката стана централен државен празник во СФРЈ. На тој ден се организираа приредби, свечени програми, се пееја пофални песни за Тито, а учениците од прво одделение стануваа пионери. Последната генерација пионери е родена во 1982 година.

За многумина, празникот разбудува и поинакви асоцијации – патувања, семејни собири, или едноставно уште еден ден исполнет со еуфорија што ги обединуваше милиони луѓе, па дури и оние кои не биле поддржувачи на социјализмот.

По распаѓањето на Југославија, Денот на Републиката се укина во речиси сите новоформирани држави. Најдолго продолжи да се слави во Србија, каде што беше официјално празник сè до 14 ноември 2002 година, кога Сојузното собрание на Сојузна Република Југославија го укина.

И покрај тоа, празникот и денес останува силен симбол за многумина како историско сеќавање, носталгија или повод за потсетување на едно поинакво време на Балканот.

CATEGORIES
TAGS
Share This