ПОСКАПУВА ПАРНОТО Просечната сметка повисока за 130 денари од декември
Сметките растат, но најавена е стабилизација на снабдувањето со топлинска енергија

Од 1 декември цената на топлинската енергија за домаќинствата се зголемува за просечни 5,9 проценти, соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски. За корисниците приклучени на најголемиот систем – ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство поскапувањето изнесува 5,9%. За потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е 7,6%, а за оние на Скопје Север Енерџи Еко Линк околу 7,7%.
„Од 1 декември просечната сметка ќе порасне за околу 130 денари од сегашните 2.200 на приближно 2.330 денари“, изјави Бислимовски. Тој потенцира дека е неопходно долгорочно стратешко планирање и сериозна модернизација на топловодната мрежа, за да се намалат дефектите, да се подобри квалитетот на снабдување и да се создадат услови за проширување на системот.
Како единствена причина за сегашното поскапување Бислимовски ја наведе потребата од инвестиции во дистрибутивната мрежа, изградена во 60-тите години од минатиот век.
„Во изминатите децении мрежата минуваше низ повеќе сопственици и малку се вложуваше. Од 2023 година конечно со неа управува државна компанија“, додаде тој.
Поради недоволните инвестиции, оваа сезона е забележан рекорден број поплаки – во октомври 22.562 пријави, додека во ноември бројката се намалува на 4.854. Според Бислимовски, очекувањата се трендот на намалување да продолжи, бидејќи ЕСМ Дистрибуција презела обврска да ја стабилизира доставата на топлинска енергија. Поголеми зафати на мрежата ќе се прават по завршувањето на грејната сезона.
Тој повтори дека парното греење останува најекономично решение. Анализите покажуваат дека доколку исклучените корисници повторно се приклучат, сметките би се намалиле за околу 10%. Во моментов околу 65.000 домаќинства се снабдуваат со топлинска енергија.
Бислимовски најави и план за обединување на железарското и градското парно, за да се избегнат различни ценовни зголемувања. Дополнително, неколку училишта се очекува да се приклучат на мрежата на Скопје Север, која моментално опслужува само 450 потрошувачи.
Тој го поздрави и новиот Закон за градба, според кој сите нови станбени згради што се градат во подрачја со постоечка топловодна мрежа задолжително ќе мора да се приклучат на системот за парно греење.

