ТАЖНА ВЛАСТ – Почина Ленче Софрониевска
Била претседател на Апелациониот суд, член и претседател на Републичкиот судски совет и генерален секретар на Владата.

Ленче Софрониевска, судијка и една од основоположничките на современиот судски систем во Македонија по осамостојувањето и преминот кон плуралистичка демократија, почина во средата, на 26 ноември, на 77-годишна возраст, соопшти семејството.
Најголем дел од својот професионален ангажман го посвети на реформите во правосудството, стремејќи се кон јакнење на самостојноста и независноста на судската власт од извршната и законодавната.
Родена е на 14 јануари 1948 година во Скопје. Својата правосудна кариера ја започна во 1974 година во Општинскиот суд Скопје 2, кога беше избрана за најмлад судија во тогашната СР Македонија.
Во претходниот систем ја извршуваше функцијата претседател на Судот на здружен труд и беше член на Претседателството на ЦК СКМ.
По прогласувањето на независноста, Софрониевска беше советник во првата Влада на Република Македонија, а потоа и генерален секретар на Владата. Подоцна ја извршуваше функцијата судија и претседател на Апелациониот суд во Скопје, како и член, односно претседател, на Републичкиот судски совет.
До пензионирањето работеше како адвокат.

