ТРАМП ДО ЗЕЛЕНСКИ Ако не ти се допаѓа планот продолжи да се бориш

Американскиот претседател предупредува дека Киев нема адут за продолжување на војната.

ТРАМП ДО ЗЕЛЕНСКИ Ако не ти се допаѓа планот продолжи да се бориш
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави пред акредитирани новинари во Белата куќа дека, доколку украинскиот претседател Владимир Зеленски не го прифати американскиот мировен план, „може да продолжи да се бори“. Според него, Зеленски блефира надевајќи се на подобри услови и поголема поддршка, иако „Путин има предност на сите полиња“. Трамп повтори дека го предупредил Зеленски уште при нивната претходна средба дека нема основа за продолжување на војната и дека зимата дополнително ќе ја влоши ситуацијата за украинските сили.

Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Киев и западноевропските сојузници „се под илузии“ дека можат да нанесат стратешки пораз на Русија. Тој потврди дека Москва преку дипломатски канали го добила американскиот предлог за мировен договор и дека текстот може да биде основа за преговори, доколку ги содржи руските клучни барања. Путин нагласи дека Русија нема да дозволи Украина да стане членка на НАТО – позиција во која, според него, се согласува и Трамп и дека секој договор мора да ги верификува територијалните промени кои Москва ги внесе во својот Устав.

Истовремено, „Економист“ пишува дека украинската воена разузнавачка служба смета дека продолжувањето на војната нема да донесе подобри преговарачки услови. Ситуацијата на фронтот, велат извори на списанието, се влошува, а нереално е да се очекува поволна промена во следните месеци. Токму по тие први одбивања на планот, Зеленски потпиша указ за формирање украинска делегација за преговори со САД, меѓународните партнери и Русија. Указот веќе е објавен на неговата официјална веб-страница.

Путин, пак, предупреди дека доколку Киев и европските сојузници продолжат да го игнорираат реалниот развој на фронтот, ќе се соочат со нови загуби како онаа во Купјанск, каде што руските сили, според рускиот Генералштаб, воспоставиле контролa врз важен сообраќаен јазол. Тоа, според Москва, им отвара пат за навлегување подлабоко во западниот дел на Украина. Путин истакна дека Русија се бори „без поставување конечни датуми“, но со приоритет да се заштитат руските војници, и дека Москва останува заинтересирана за мир под условите што ги смета за суштински.

Се проценува дека без американска поддршка, Украина може да го задржи фронтот само уште неколку месеци. Во моментов Киев добива разузнавачки информации и оружје преку западни посредници, но тоа не е доволно за пресврт. Единствената надеж на Зеленски, според дипломатски извори, е дека американскиот план може да биде преработен за што разговарал со потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.

Американската страна, како што тврдат руски и западни аналитичари, брза со постигнување мировен договор поради две причини: Трамп смета дека Украина и Западот губат на теренот и сака да го зголеми својот политички рејтинг дома со запирање на уште една војна. Рускиот политиколог Данил Гурејев оценува дека ова брзање не одговара на Москва, која планирала да напредува до административните граници на областите што се прогласија за дел од Русија по референдумите.

Зеленски, пак, се надева дека во процесот ќе бидат вклучени и западноевропски лидери како советници. Според Венс, мировниот план треба да ги запре убиствата, да го зачува украинскиот суверенитет и да нуди модел што ќе ја спречи повторната ескалација на конфликтот. Тој предупредил дека планот се темели на реалната состојба на фронтот и дека е „илузија“ да се очекува дека Вашингтон ќе ја зголеми воената или економската поддршка доколку Киев продолжи да го одбива.

CATEGORIES
TAGS
Share This